СДСМ: Одговорност за оние кои го завија Кочани и Македонија во црно мора да има!
„Вистината за трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62 деца а над 200 беа повредени излегува на виделина! Власта свесно и организирано ги штити вистинските виновници. Обвинителството ја затвори истрагата без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта. Нема одговор зошто не се опфатени клучни луѓе кои биле на високи позиции од актуелната власт“ соопштија денеска од опозициската СДСМ.
Прашуваат „Зошто не е опфатена началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, која била на позиција кога се случил пожарот, и која не презела никакви мерки и покрај службените белешки дека дискотеката работи незаконски? Зошто Цветковска Маневска не одговара за затворената врата во дискотеката Пулс, постапка која скратила драгоцени секунди за спас на многу животи? Зошто Драган Казак Петрушев, сменоводител во МВР, за кого има индиции дека лично учествувал во затворање на вратите на дискотеката спротивно на процедурите исто така не е опфатен?“.
Од партијата бараат одговор и за тоа „Дали Петрушев е заштитен затоа што е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани? За Дејан Салтировски, началник на СВР Штип и покрај информациите за неговата улога кобната вечер, и покрај сомнежите за фалсификати во документацијата за акциската контрола, нема никакво обвинение? Дали Салтировски е заштитен поради кумовската врска со Орце Тодоровски – Ефто, близок човек на Мицкоски?“.
Родителите, мајките и татковците завиени во црно најмалку што заслужуваат е правда, одговорност од сите, а не политичка заштита на виновниците. Обвинителството мора да се оттргне од власта и да делува. Одговорност за оние кои го завија Кочани и Македонија во црно мора да има! – е ставот на партијата.