Флотила со хуманитарци и активисти се приближува до блокираната Газа

Бродот „Мадлин“, кој пренесува хуманитарна помош за Појасот Газа, пристигна до египетското крајбрежје. На бродот се наоѓаат 12 активисти, меѓу кои и шведската климатска активистка Грета Тунберг.

Бродот минатата недела отплови од Сицилија со цел да ја пробие израелската блокада на Газа.

– Сега пловиме покрај египетскиот брег. Сите сме добро, изјави германската активистка за човекови права Јасемин Акар.

Активистите се во постојан контакт со меѓународни правни и човекови институции за да ја осигураат безбедноста на луѓето на бродот. Тие предупредија дека секое пресретнување на бродот би претставувало „очигледно прекршување на меѓународното хуманитарно право“.

За време на патувањето, „Мадлин“ го промени правецот кај грчкиот остров Крит откако прими сигнал за помош од брод со мигранти кој тонел. Активистите спасија четворица судански мигранти кои скокнале во морето за да избегнат враќање во Либија. Подоцна тие биле пренесени на брод на ЕУ агенцијата Фронтекс.

Групата „Флотила на слободата“, која го организираше патувањето, е коалиција формирана во 2010 година со цел да се спротивстави на блокадата на Газа.

Бродот плови под британско знаме, а британските власти досега одбиле да го спречат неговото пристигнување во израелските води, изјавил израелски официјален претставник за Тајмс оф Израел.

Back to top button
Close