САД планираат да ѝ доделат 500 милиони долари на контроверзна фондација за помош во Газа
Американскиот Стејт департмент размислува да ѝ додели 500 милиони долари на фондација која обезбедува хуманитарна помош во Појасот Газа, изјавија за Ројтерс два добро информирани извори и двајца поранешни американски функционери, пренесува Бета.

Станува збор за подлабока вклученост на САД во работата на контроверзната Фондација за хуманитарна помош за Газа (GHF), чии активности досега беа проследени со трагични инциденти – десетици луѓе загинаа чекајќи храна.
Изворите, кои зборувале анонимно поради чувствителноста на прашањето, изјавиле дека средствата ќе бидат доделени преку Американската агенција за меѓународен развој (USAID), која е под надлежност на Стејт департментот.
Меѓутоа, некои американски функционери се противат на ваквата поддршка поради смртоносните инциденти кај центрите за дистрибуција на храна и начинот на кој GHF управува со хуманитарната помош, велат изворите.
Фондацијата, која беше остро критикувана од Обединетите нации и други хуманитарни организации за пристрасност, започна со дистрибуција на помош минатата недела поради растечките предупредувања дека поголем дел од 2,3 милиони жители на Газа се соочуваат со глад. Тоа следеше по израелската блокада започната на 19 мај, која траеше 11 недели, при што беа дозволени само ограничени испораки. Фондацијата двапати мораше да ја прекине дистрибуцијата оваа недела поради преголем притисок од луѓе врз центрите, по што израелската армија отвори оган.
Стејт департментот и GHF не одговориле на барањата за коментар.
Ројтерс не успеа да утврди кој моментално ги финансира активностите на фондацијата. GHF користи приватни американски безбедносни и логистички компании за транспорт на помошта до т.н. „безбедни дистрибутивни точки“ во Газа.