Во Лос Анџелес судири меѓу демонстранти и полиција (ДПЛ)
Полициската управа на Лос Анџелес (ЛАПД) го прогласи центарот на Лос Анџелес за област на „нелегален собир“, по третиот ден од демонстрациите во градот.
Најмалку 10 лица беа уапсени во неделата за време на немирите, поттикнати од имиграциски рации од страна на американските власти, јави Би-Би-Си.
Безбедносните сили користеле солзавец и гумени куршуми за да ги растераат демонстрантите, поради кои е затворен дел од автопатот 101.
Најмалку 300 припадници на Националната гарда на Калифорнија беа распоредени на три локации во областа на Лос Анџелес, додека 500 маринци се во состојба на „подготвеност за распоредување“ во база на околу 230 километри источно од Лос Анџелес.
Американскиот претседател Доналд Трамп го бранеше распоредувањето на трупи на Националната гарда – без барање од гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом – како неопходно со цел да се зачува „законот и редот“.
Гевин Њусом изјави дека акциите на Трамп се „нелегални“ и „неморални“, и се закани дека ќе ја тужи администрацијата.
Amid the chaos in downtown Los Angeles, Sky 5 captured a couple of cars doing donuts, one vehicle led to a short pursuit with police. pic.twitter.com/C0BAAmPPG0
— KTLA (@KTLA) June 9, 2025
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека „она што го гледаме во Лос Анџелес е хаос што е испровоциран од администрацијата“ и ги повика демонстрантите мирно да протестираат.