Уапсен е лидерот на главната опозициска партија во Република Српска
Уапсен е Милан Миличевиќ, претседателот на Српската демократска партија (СДС), потврдуваат од најголемата опозициска партија во Република Српска.
Министерството за внатрешни работи на овој ентитет соопшти дека Управата на криминалистичката полиција спроведува оперативна акција со кодно име „Блок“, во рамките на која се уапсени лица од Теслиќ, иницијали М.М., М.Д. и М.Ј.
„Поради постоење на основи на сомнение дека тие сториле кривични дела на влијание и примање мито“, соопшти Министерството за внатрешни работи на РС на 9 јуни.
Акцијата се спроведува под надзор на Специјалното одделение за сузбивање на корупција, организиран и сериозен економски криминал на Републичкото јавно обвинителство, а по наредба на Специјалното одделение за сузбивање на корупција, организиран и сериозен економски криминал на Окружниот суд во Бања Лука.
Во текот на истрагата, во изминатите шест месеци, конфискувани се околу 45 000 евра, кои потекнуваат од коруптивните дејствија на споменатите лица, а парите биле депонирани во судски депозит, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.
Ќе се формира ентитетска гранична полиција во Република Српска
Во тек се претреси на локациите што ги користеле осомничените, а се бараат уште околу 125 000 евра што потекнуваат од коруптивни дејствија, а врз основа на кои, преку злоупотреба на влијание, нелегално било сменето парламентарното мнозинство во Општинското собрание Теслиќ.
Управата за криминалистичка полиција до Републичкото јавно обвинителство го достави Извештајот за сторените кривични дела против трите приведени лица.
По завршувањето на кривичната истрага, тие ќе бидат предадени на обвинителството, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Српска.