Војници на Националната гарда распоредени во Лос Анџелес
Безбедносните власти во Калифорнија издадоа наредба за забрана за собирање во центарот на Лос Анџелес. Состојбата се заостри особено по мобилизацијата на Националната гарда што ја нареди американскиот претседател Доналд Трамп и пристигнувањето на првите војници во Лос Анџелес. Според медиумски информации, дошло и до конфронтации меѓу војници и демонстранти.
Судир пред федерален затвор
Војниците и безбедносните сили употребија солзавец пред еден федерален затвор во градот за да потиснат десетици демонстранти. На фотографии и видео снимки се гледа употреба на солзавец против толпата. Освен тоа, како што наведува весникот „Лос Анџелес Тајмс“, биле користени и димни бомби и бибер-спреј.
На снимки од Си-Ен-Ен се гледа дека нешто подоцна десетици локални полицајци во близина на затворот делумно употребуваат и палки против демонстрантите за да ги растераат од околината. Полицијата на платформата X соопшти дека биле фрлани шишиња и камења кон безбедносните сили и дека имало и апсења.
Репортерка на Си-Ен-Ен од местото на настанот изјави дека полицијата очигледно се обидувала да ги потисне неколкуте стотици демонстранти за да се избегнат судири со Националната гарда кај затворската зграда.
Демонстрантите блокираат автопатот
Градоначалничката Карен Бас, која одби распоредување на припадници на Националната гарда, зборуваше за неколку илјади демонстранти, од кои неколку стотици извесно време блокирале и еден автопат. На протестите биле фрлани и шишиња и камења кон безбедносните сили додека тие се обидувале да ги тргнат демонстрантите од областа околу административните објекти и автопатот.
Локалната полиција употребила палки, а во некои случаи и солзавец. Според Бас, имало и случаи на вандализам, а неколку автомобили биле запалени.
Националната гарда треба да ги потисне демонстрантите
Американската војска претходно соопшти дека во регионот на Лос Анџелес се распоредени војници за да го заштитат државниот имот и персонал. На пат кон Лос Анџелес како засилување доаѓаат и други пешадиски единици.
Републиканецот Доналд Трамп во саботата вечерта (7.06) нареди мобилизација на најмалку 2 илјади војници на Националната гарда поради тековните протести против претставници на американската служба за имиграција ИЦЕ.
Гувернерот предупредува од ескалација
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој е од редовите на Демократската партија, ја смета мобилизацијата на Националната гарда во неговата сојузна држава за нелегална. Незаконското постапување на владата без негова согласност е сериозно кршење на суверенитетот на сојузната држава, се вели во протестното писмо што гувернерот Њусом го испрати до американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и кое беше објавено на платформата X.
Официјалниот допис од владата во врска со распоредувањето на Националната гарда не било, како што е пропишано, испратено до канцеларијата на гувернерот, а гувернерот не одобрил распоредување на припадници на гардата. Освен тоа, никогаш не се случила координација со гувернерот на Калифорнија спомената во директивата на Трамп до Министерството за одбрана. Оттаму, од кабинетот на Њусом бараат од Хегсет веднаш да ја повлече наредбата за распоредување на Националната гарда.
Њусом предупреди дека милитаризацијата на безбедносните сили може само да доведе до дополнителна ескалација и дека Трамп намерно ја разгорува ситуацијата со мобилизирање на гардата и премолчено прифаќа натамошна ескалација. Такво постапување, според Њусом, не е во сферата на надлежности на Националната гарда „и ќе ја поткопа довербата на јавноста“. Нема недостиг на безбедносни сили, смета Њусом и додава дека влада сака да инсценира „спектакл“. Тој до демонстрантите упати апел да останат мирни и да не ѝ даваат можност на владата за изговори.
Невообичаен чекор
Националната гарда вообичаено е под команда на гувернерот на секоја од сојузните држави. Потегот на Трамп важи за многу необичен. Последен пат американски претседател презеде команда над Национална гарда против волјата на гувернер на сојузна држава пред повеќе децении.
Трамп најави дека не ја исклучува можноста за распоредување војници и во други градови на САД и дека се разгледува опцијата „војници да има насекаде“. „Нема да дозволиме земјата да ни биде растргната“, рече тој и на прашање за можноста за воведување некаква форма на воена состојба за ставање на протестите под контрола не сакаше да ја исклучи таквата опција. Трамп наведе дека сепак во моментов нема нужда да се применува законот познат како „Закон за бунт“.
Експертка цитирана од весникот „Њујорк Тајмс“ вели дека ова е првпат по 60 години претседател да ја користи Националната гарда без согласност на гувернерот. Последен пат тоа се случило во 1965 година, кога претседателот Линдон Б. Џонсон распореди војници за да ги заштитат речиси исклучиво црните демонстранти во јужната држава Алабама за време на Движењето за граѓански права.
Министерот за одбрана се заканува со постапување на војската
Владата на Трамп дури се заканува и со распоредување на припадници на редовната војска во земјата, што би било уште поголемо кршење на табу. Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека, доколку биде потребно, би можеле да се мобилизираат и маринци стационирани во Калифорнија. „Тие се во состојба на готовност“, напиша Хегсет на платформата X.
Њусом реагираше со ужасеност. Министерот за одбрана се заканува дека ќе користи војници „на американска почва против нашите граѓани“, пишува тој на платформата X. „Ова е духовно растроено однесување“, оцени Њусом.
Извор: DW