Дурмиши: Нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши смета дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи и тврди дека пазарните инспектори ги следат состојбите во целиот ланец од производство до малопродажба.
Дурмиши истакна дека по завршување на мерките на 30 април, во текот на цел мај, Државниот пазарен инспекторат ги следел цените во маркетите, дистрибутерите и производителите, за да се утврди дали има зголемување на цените, особено на основните прехранбени производи.
-Нема драстично зголемување на цените во делот, каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен ќе гледа, ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека ќе донесеме пак одлуки и тоа сум кажал и во други изјави дека ќе донесеме поригорозни мерки од тоа што сме ги презеле досега, рече Дурмиши одговарајќи на новинарски прашања во Тетово каде беше организирана средба со граѓани со цел промоција на новиот Оперативен план за вработување за 2025 година.
По предлогот на Министерството за економија и труд, Владата изгласа на 20 февруари мерка која траеше до 30 април со која имаше ограничување на маржи за 100 групи на производи, а „замрзнување“ на цени за осум производи.