На судењето за убиствата на Вања и Панче задутре завршен збор ќе имаат обвинетите и одбраната на Палевски
Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува на 20 јуни со завршен збор на обвинетите и одбраната на Љупчо Палевски откако денеска во Основен кривичен суд Скопје одбраната на Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски побараа ослободителна пресуда. Основното јавно обвинителство претходно побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, додека, за таткото на Вања побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Во завршниот збор, бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокат Владимир Туфегџиќ, оцени дека обвинението против Ѓорчевски е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на обвинителството. Тој посочи дека одбраната докажа дека токму неосновано обвинетиот Александар како татко на детето Вања е жртва и оштетен во оваа постапка заедно со мајката Зорица и неговото семејство и докажа дека тој во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете.
Бранителот на обвинетиот Велибор Манев, адвокат Горан Бошевски, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во однос на кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривични дела.
Ослободителна пресуда денеска побара и адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, посочувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент. Според него, правецот по кој што е водена истрагата за овие кривично правни настани е целосно погрешен, а сите признанија се изнудени.
Бранителот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, исто така, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера тоа да се случи. Евентуална вина, како што посочи, може да сноси само за грабнувањето на Вања.
Претходно Обвинителството побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна. Според нив, нема олеснителни околности, а нивните постапки дополнително ја трауматизираат јавноста. Како што наведоа, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, не сакал да ѝ наштети, но учествувал во киднапирањето, Велибор Манев призна учество во двете убиства, Боре Видевски првично призна вина, но подоцна негираше, Влатко Кешишев се обиде да се прикаже како послушник, но доказите покажуваат активна улога, а Љупчо Палевски се смета за организатор кој креирал алиби и уништувал докази.
По завршните зборови на Основното јавно обвинителство, правните застапници на оштетените семејства пред судот изјавија дека во целост го прифаќаат барањето на Обвинителството, се приклучуваат кон кривичното гонење и бараат имотно правно побарување.
На следното рочиште закажано за 20 јуни од 9 часот во Основен кривичен суд Скопје завршен збор треба да дадат обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски, а потоа и одбраната на Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.