Собраниската расправа за Алта банка ја отвори вистината и за Еуростандард

По шест години борба за вистината за Еуростандард банка, за прв пат почувствував дека можеби конечно се отвора простор да бидат слушнати фактите таму каде што им е местото, во највисокиот законодавен дом на државата. Бев повикан од Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија на надзорната расправа поврзана со АЛТА банка, што ми отвори можност да изнесам факти и да побарам одговори и за стечајот на Еуростандард банка.

Ја поддржувам одлуката на гувернерот Трајко Славески за воведување администрација, затоа што со тој инструмент се штитат интересите на штедачите, фирмите, вработените и стабилноста на банкарскиот систем. Добро е АЛТА банка да се стабилизира и да продолжи да функционира, но ако администрацијата е законски инструмент со кој една банка добива време и можност за стабилизација, зошто тој инструмент не беше применет за Еуростандард банка?

Повеќе од очигледно е дека Народната банка или не ја разгледала доволно оваа можност, или од причини кои јавноста сè уште не ги знае, решила да не ја примени. На надзорната расправа учествуваа високи претставници на институциите поврзани со банкарството, финансиската контрола и депозитите.

Два искази за мене се особено значајни. Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, информираше дека во периодот од 2020 до 2022 година биле спроведувани обемни проверки поврзани со Еуростандард банка и дека за извршените активности бил изготвен материјал од околу 300 страници.

Тоа значи дека државата со години имала институционални механизми, луѓе и документи со кои детално го проверувала работењето на банката и постапувањето на лицата поврзани со неа. Во меѓувреме, на 5 јуни 2026 година ОЈО ГОКК ја запира конкретната истрага за наводно перење пари во Еуростандард банка.

Ако со години се истражуваа акционерите, менаџментот, кредитите и трансакциите, тогаш прашањето е кога ќе започне институционалната проверка на самата одлука со која Еуростандард беше однесена во стечај?

Не може една страна од приказната да биде истражувана со години, а другата да остане недопирлива. Не може да се анализира секоја одлука на банката, а да не се анализира одлуката на регулаторот кој ја затворил.

Вториот исклучително значаен исказ го даде директорот на Фондот за осигурување на депозити, Бехар Емини.Тој кажа дека случајот Еуростандард бил големо искуство за функционирањето на институцијата. Да, институциите мора да учат, но цената на нивното учење не смее да биде уништување на една банка, нејзините клиенти, вработени и акционери. Уште поважен е податокот дека, според неговиот исказ, Фондот до денес има наплатено околу 91 процент од своето побарување од стечајната маса на Еуростандард банка, а преостануваат уште околу шест милиони евра. Како е можно, банка која беше затворена како, наводно бесперспективна институција, шест години подоцна создава стечајна маса од која се намируваат и ќе бидат намирени сите обврски кон клиентите на банката, доверителите и Фондот за заштита на депозити?!

Ако од една затворена банка денес се наплатуваат сите побарувања, тогаш државата мора да објасни што точно било толку неодржливо на денот кога била затворена.

Ги повикувам јавниот обвинител Ненад Савески и шефицата на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева да ги погледнат фактите и резултатите од стечајот, да ги погледнат извештаите на Финансиската полиција, капиталната адекватност и вложените дополнителни 13,5 милиони евра свеж капитал на само 6 месеци пред НБМ да прогласи стечај.

Предмет на истрагата конечно треба да стане и постапувањето на Народната банка во процесот што доведе до одземање на дозволата и стечај на Еуростандард банка. Функцијата гувернер не е само привилегија, туку и одговорност.

Кога една одлука затвора банка и автоматски ги погодува клиентите, фирмите, вработените, Македонски пошти, акционерите и целата доверба во банкарскиот систем, тогаш јавноста има право да знае дали таа одлука била неопходна, пропорционална и заснована на точни факти.

Затоа, упатувам јасна порака до Комисијата за финансирање и буџет во Собранието: Пред шест месеци побарав надзорната расправа за Еуростандард банка, која остана незавршена речиси шест години, конечно да продолжи. Новите сознанија кои беа изнесени ја прават таа потреба уште поголема. Продолжете ја расправата, повикајте ги институциите, отворете ги документите, споредете ги бројките и донесете институционален заклучок. Секој инвеститор, секој штедач и секој граѓанин мора да знаат дека кога државата носи одлука, што може да уништи една компанија или банка, таа одлука може и мора да биде проверена.

Не дозволувајте, одговорите кои што шест години ги бараме во Македонија, да мора да ги бараме пред меѓународна инвестициска арбитража, со сите правни и финансиски последици кои за жал, ќе бидат врз грбот на државата и граѓаните, нешто кое што најмалку го посакувам. Ја сакам правдата!

Ако одлуката за стечај била правилна, тогаш документите нека го докажат тоа. Ако нема докази, тогаш државата мора да има капацитет да ја утврди одговорноста и да ја исправи неправдата. Ја барам вистината во правна држава со легитимни институции кои имаат доблест да признаат грешка и да ја исправат.

Вистината нема рок на траење. Во демократско општество и правна држава не смее да има недопирливи, вклучувајќи ги институциите и носителите на високи функции.

Не сакам да се отвори Пандорината кутија, сакам да се отворат портите на вистината.

Јас продолжувам!

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close