Македонската надворешна политика пред дебакл?
Денко Малески
Парадоксално е но, оваа група непопуларни европски политичари против кои се креваат во протест нивните народи, е последната наша шанса за членство во ЕУ каква што ја знаеме сега и да учествуваме во нејзиното преобликување во блиска иднина. Имено, новате политичари кои ќе дојдат на чело на Германија и на Франција на изборите идната година имаат поинакви идеји. Како последица на глобалните, светски, промени, влегуваме во процес на трансформација на двата западни сојузи НАТО и ЕУ. А промените ќе бидат длабоки и неповолни за малите држави

Потенцијалната идна канцеларка на Германија, Алиса Вајдел, има спротивни ставови како кон домашната така и кон надворешната политика на ЕУ денес. Бара да се запре со помош на Украина, да се испреговара мир со Москва и да се обнови економската соработка меѓу Германија и Русија. Згора на ова, политиката на АФД не се согласува со сегашната економска улога на Германија во ЕУ и планира напуштање на еврозоната и враќање на марката. Вајдел некни ја отвори и темата за експлоатација на нејзината земја од страна на земјите од Источна Европа спомнувајќи ги поименично Бугарија и Романија, а лесно можеше да каже и Македонија.
Значи, да повторам, ако не ја искористиме можноста која ни ја пружа сегашното водство на оваа и ваква ЕУ, нема да биде на арно. Соочена со очекувањата на своите народи за мир и благосостојба, новите политички гарнитури во Германија и во Франција ќе престанат да играат на картата на „руската опасност“ па така ќе падне и политичката цена на безбедносниот елемент на кој се надеваат малите балкански држави како Македонија. И наместо повеќе од истото: силна бирократска структура во Брисел, продлабочување на односите меѓу членките и јакнење на заедничките политички,економски и вооени компоненти, Сојузот може да биде зафатен од центрифугални сили на мноштвото интереси, кои ќе ги издвојат големите од малите, ќе создадат Европа на повеќе брзини, и регионални сојузи во кои малите ќе гравиртираат кон поголемите.Во таква Европа, најважно за безбедност на малите држави ќе биде добри односи си соседите а не толку со центарот во Брисел.
Ако се случи ова сценарио, македонската надворешна политика ќе доживее целосен дебакл. Не е веројатно дека европските држави, преку ноќ, ќе се откажат од секаква соработка туку дека ќе влезат во процес на длабоки промени. Зад нас е „златното доба на ЕУ“. Битката сега е држава како Македонија, да биде дел од тој процесот на промени како членка а не надвор од ЕУ.За жал, ќе бидеме надвор. Настаните не престигнуваат и предоцна е да се зафатиме со така деликатен проблем како оној меѓу Македонија и Бугарија. Премиерот, универзитетски професор од областа на техничките науки, без образование од областа на меѓународната политика, кој остана доследен на зборот дека нема да се помести ни за милиметар, веќе го најави своето заминување за, како рече, 13 месеци. Претседателката која има мандат од 5 години, професорка од правни науки ќе остане да одговара на многу прашања за пропуштеното на кои нема да може да се одговори со јазикот на правото. Би сакал да грешам во анализата и ништо да не се промени во ЕУ, а ние, без брзање да продолжиме да си ги броиме паричките од Брисел: колку ќе сме добиле вака достоинствени а колку сме можеле да добиеме ако бевме внатре. Ама, мислам дека не грешам. На прагот сме на големи промени во Европа.






