Сара со модрици на лицето дојде во судница, обвинетиот Корабоски не се појави, но побара изземање на обвинители и судии преку адвокат

Сара Ѓорѓиеска од Охрид со сè уште видливи модрици на лицето денеска дојде во Основниот суд во Охрид, каде што требаше да започне судењето против Кристијан Корабоски, обвинет за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Во истата судница беа присутни и родителите и членовите на семејството на Корабоски, но не и обвинетиот.

Судскиот процес не започна поради барањата на одбраната на обвинетиот Кристијан за изземање на јавниот обвинител кој постапува во предметот, сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид, судиите, како и претседателот на охридскиот суд.

Адвокатот Ѓоко Шајн, полномошник на оштетената Сара Георгиевска, по рочиштето информираше дека барањето за изземање на судиите е одбиено, но дека за останатите барања треба да одлучат повисоките инстанции.

„Не започна судскиот процес против обвинетиот Кристијан Корабоски. Имаше поднесено барање од одбраната на обвинетиот за изземање на јавниот обвинител кој постапува во овој предмет и сите обвинители на ОЈО Охрид. Имаше и барање за изземање на судиите. Поднесено беше и барање за изземање на претседателот на судот во Охрид. Одбиено е барањето за изземање на судиите“, рече Шајн.

Тој објасни дека за барањето за изземање на јавните обвинители треба да одлучи надлежниот виш јавен обвинител, додека за изземањето на претседателот на Основниот суд во Охрид треба да одлучи претседателот на Апелациониот суд во Битола.

Запрашан за причините поради кои одбраната ги поднела ваквите барања, Шајн оцени дека станува збор за обид за одолговлекување на судскиот процес.

„Сметам дека е поради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста“, додаде адвокатот.

Иако Сара Ѓорѓиеска со видливи повреди на лицето се појави во судницата, обвинетиот Корабоски не беше присутен. Според Шајн, им било кажано дека обвинетиот се наоѓа во притворското одделение.

„Оштетената Сара не ја прашаа дали може да биде присутна, ние инсистиравме да биде, бидејќи правда мора да има. Нас ни кажаа дека обвинетиот е во притворското одделение, но не го видов“, посочи Шајн.

Почетокот на судскиот процес против Корабоски сега зависи од одлуките по преостанатите барања за изземање. Обвинетиот се товари за три кривични дела, а неговата кривична одговорност треба да се утврди во судската постапка.(skopje1)

Back to top button
Close