(ВИДЕО) „Директорката на „Алта груп“ која е во притвор во Белград има фирма во Скопје“, вели Фрчкоски
СДСМ обвини дека случајот со „Алта банка“ во Србија има деловни поврзаности и во Македонија, тврдејќи дека директорката на белградската „Алта груп“, Татјана Бундало, која е во притвор, поседува фирма во Скопје, ова го соопшти членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, на прес-конференција, на која беа објавени документи за кои тврди дека се изводи од Централниот регистар.

Според Фрчкоски, Бундало е сопственичка на фирмата „Алта Реал Естате ДООЕЛ Скопје“, а е поврзана и со „Алта груп ДООЕЛ Скопје“.
Тој посочи дека во Србија, покрај сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, во притвор е и Бундало. Според наводите што ги изнесе, двајцата се осомничени за кривични дела поврзани со изнесување околу 17 милиони евра во готовина од трезорот на банката. Фрчкоски се повика и на медиумски извештаи во Србија, според кои околу 370 милиони евра никогаш не влегле во трезорот, туку биле фиктивно евидентирани.
Од СДСМ тврдат дека Мацура е член на Надзорниот одбор на „Алта банка“ АД Битола и дека ја купил „ЗОИЛ Македонија“ за 1,7 милиони евра. Фрчкоски праша кој ги довел овие бизниси во Македонија и со кого биле договарани зделките, обвинувајќи за поврзаност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и српската СНС.
Тој потсети и на изјавата на Трајко Славески дека за влезот на „Алта банка“ во Македонија се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски, а побара одговорност и постапување од Обвинителството.
„Прашањето е зошто Обвинителството и Ненад Савески не преземаат ништо?“, праша Фрчкоски, обвинувајќи дека на тој начин се штитат Мицкоски, Славески и други лица што, според партијата, се поврзани со случајот.
Од СДСМ порачаа дека очекуваат одговори за деловните поврзаности и околностите под кои „Алта банка“ влегла на македонскиот пазар.






