Скопјанец признал дека го убил лицето најдено мртво кај Смилковско Езеро, појаснил и како го извршил чинот
Полицијата го расчисти случајот со убиството на 38-годишниот Ш.Е. од скопското село Љубин, кој на 21 ноември беше пронајден мртов на обиколницата „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера, по преземени оперативно-тактички мерки, полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје го лишиле од слобода 38-годишниот Б.Ј. од Скопје, осомничен за убиството.
Со осомничениот бил извршен службен разговор, при што, според полицијата, тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.
„Со Б.Ј. извршен е службен разговор, при што лицето го појасни начинот на извршување на кривичното дело“, информираат од МВР.
Телото на Ш.Е. беше пронајдено на 21 ноември, по претходно добиена пријава во СВР Скопје. При увидот била забележана прострелна повреда во пределот на ногата, а во близина на телото бил пронајден и автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кој претходно го управувал починатиот.
По целосното документирање на случајот, денеска, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Б.Ј. за кривичното дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.






