Како се поттикнува евроскептицизмот?

Љупчо Поповски

Ова се две приказни за двајца аспиранти за членство во Европската Унија. Едниот е пред самите нејзини порти (Црна Гора), а вториот (Србија) е многу подалеку, иако преговара, но остана заглавена поради режимот на Александар Вучиќ. Тој падна, а сега прашање е како новите власти (кои уште не се конституирани, нема влада) ќе се постават спрема барањата од Европската Унија за реформи (да го исклучиме проблемот со Косово).

И како оние што беа со нив заедно во поранешната Југославија (Хрватска и Словенија) поставуваат барања кои како да имаат цел да го јакнат евроскептицизмот во Црна Гора и Србија и да ги демотивираат двете општества на нивниот пат кон ЕУ.

За евроскептицизмот во С. Македонија во друг текст, веројатно следната недела. Тој, сакале тоа да го признаат или не, како да стана преовладувачки во самите врвови на македонската власт.

 

Случајот на Црна Гора

Македонската јавност повеќе или помалку знае за осумте услови што ѝ ги постави Хрватска на Црна Гора за да ги исполни за да може да ја „пушти“ понатаму во затворањето на последните поглавја од преговорите. И знае за неколкуте блокади на Загреб во последниве неколку месеци, а и претходно. Некои од барањата на Хрватска црногорската влада ги прифати (како преименувањето на базенот во Котор кој го носеше името на познатиот ватерполист Зоран Гопчевиќ, кој бил чувар во логорот Морињ, каде што раните 1990-ти имаше хрватски затвореници).

Вчера црногорската влада одлучи да се справи со уште од барањата на Загреб за да не се попречи завршувањето на преговорите со ЕУ (пристапниот договор веќе се пишува во Унијата) и да исплати отштета од 18 милиони евра на хрватски државјани кои биле притворени во Морињ. Точниот износ на отштетата ќе се утврдува поединечно за секој случај.

Во периодот од 3 октомври 1991 до 18 август 1992 година, во селото Морињ (близу Котор), Југословенската народна армија управуваше со објект наречен „Прифатен центар за затвореници од Хрватска“ – попознат како „логор Морињ“. Таму, во нехумани услови, биле држени 292 лица од дубровничкиот регион. Вкупно 169 поранешни притвореници сведочеа за нехуманиот третман што го претрпеле. Кон крајот на јануари 2025 година, Загреб го блокираше затворањето на Поглавјето 31 (Надворешна, безбедносна и одбранбена политика) во преговорите на Црна Гора со Европската Унија. Загреб бара и расветлување на судбината на лицата исчезнати за време на војната во Хрватска и она што сега изгледа дека може да биде најтешкото прашање – утврдување на границата кај Превлака.

Дали Црна Гора ќе отстапи дел од копното на полуостровот Превлака за да влезе во ЕУ или владата ќе се соочи со пораст на евроскептицизмот и недоверба од јавноста за да ги реши уште неколкуте преостанати прашања за државата да стане членка на ЕУ?

Во средата вечерта (25.11) во Брисел се одржа самит ЕУ-Западен Балкан на кој европскиот лидерски двоец (Фон дер Лајен и Кошта дадоа уште еден поттик на аспирантите), а во четвртокот, кога хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ пристигнуваше на вонредниот самит на ЕУ за следниот буџет претстави отворени услови до Подгорица кои таа ги смета за уцена.

„Можам слободно да кажам – Поглавјето 31 нема да биде затворено сè додека не се реши прашањето за демаркација на територијата. Ова е јасна порака што не може да биде појасна, а воедно и пријателска. Хрватска ќе го протолкува секое доведување во прашање на копнената граница како територијални претензии на Црна Гора кон Хрватска. Зборувам експлицитно, мислам на Превлака“, рече Пленковиќ.

Ова изгледаше како студен туш на црногорските власти. Претседателот Јаков Милатовиќ во средата во Брисел изјави дека инсистирањето на Хрватска да го реши граничното прашање со Црна Гора додека земјата преговара за влез во ЕУ „изгледа како уцена“. Тој најави дека Подгорица наскоро ќе испрати до Загреб предлог за целосно решение на границите на копно и на море, а доколку Хрватска не го прифати, останува меѓународен суд или арбитража.

Нема арбитража, вели Пленковиќ. Секое повикување на сличниот проблем со Словенија (кој му овозможи на Загреб да ја надмине последната пречка за влез во ЕУ, а тој случај некои луѓе во врвовите на македонската власт го споменуваат како можен пример за спорот со Бугарија) е беспредметен, рече Пленковиќ. „Арбитражата не е опција за нас, да бидеме сосема јасни“, нагласи тој.

Тој го критикуваше политичкиот наратив на Црна Гора дека Хрватска, исто така, влезе во Европската Унија без да го реши прашањето за границата со Словенија. „Отидовме на арбитража, која беше компромитирана. Хрватска денес, со искуството од арбитражата со Словенија, не им верува на арбитражите колку што можеше во тој момент“, рече Пленковиќ.

Па се наврати на историјата на почетокот на распадот на Југославија и зошто случајот меѓу Хрватска и Црна Гора е различен од оној меѓу Хрватска и Словенија. „Црна Гора беше дел од поранешна Југославија, која изврши вооружена агресија на хрватска територија – Превлака, уништувањето на Дубровник“, рече Пленковиќ, додавајќи дека им предлага „на нашите пријатели во Црна Гора да се согласиме за копнената граница, а разграничувањето на море да го оставиме за во иднина“.И како да се реши спорот за да може Хрватска да даде зелено светло за Црна Гора. Премиерот Пленковиќ има план. Тој рече дека Хрватска цврсто се придржува до принципите на Бадентеровата комисија, според која границите на поранешната република станаа државни граници по распадот на Југославија. Привремениот режим од 2002 година го дефинираше надзорот и користењето на копнената и морската област околу полуостровот Превлака и влезот во Которскиот Залив до склучувањето на конечниот договор за државната граница. Договорот беше потпишан во Конфин меѓу Хрватска и тогашната влада на Сојузна Република Југославија, од која тогаш беше дел и Црна Гора.

Според тој договор, Хрватска има јурисдикција над копнениот дел од полуостровот Превлака, југозападно од Конфин. На море, Хрватска контролира тесен појас по должината на југозападниот брег на Превлака, во заливот, додека Црна Гора го контролира преостанатиот, поголем дел од влезот во заливот Бока Которска.

Ако слушнеме порака од црногорската страна дека тие не го сметаат Конфин за точка каде што е дефинирана копнената граница, тогаш имаме проблем. Тогаш не можеме да седиме на истата маса наречена Европска Унија“, рече Пленковиќ.

Минатиот петок црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ изјави дека Црна Гора нема да отстапи ниту еден дел од својата територија во преговорите за границата со Хрватска, но дека Подгорица сака да ги продолжи разговорите со Загреб и да ги реши отворените прашања со договор или пред меѓународни институции.

„Нема да се откажеме ниту од јота, ниту од сантиметар од црногорската територија“, рече Ибрахимовиќ како одговор на прашање за односите со Хрватска.

Оваа подолга експликација на изјавите на официјален Загреб изгледаат како извонреден пример како оној што е внатре во ЕУ се чувствува многу помоќен и фактички е помоќен од еден аспирант за членство.

Правда? Нема правда тука, само интереси. И моќта на, условно кажано, посилниот. Изјавите на аспирантите (меѓу кои и С. Македонија) да нема билатерализација на преговорите за членство во ЕУ се исправни, а членовите на европскиот клуб имаат оправдување во одредбите дека за да се стане член на ЕУ треба да се има уредени добрососедски односи. Кои најчесто одат на штета на аспирантот.

 

Случајот на Србија

Србија е далеку од ЕУ, иако има отворено една третина од поглавјата во преговорите. Победата на Студентската листа на изборите на 25 октомври беше спектакуларна, но таа како да не беше посакувана од оние што владеат во регионот. Ним Александар Вучиќ им одговараше. Неговата реторика, неговата блискост со Русија и Кина, неговата асполутна власт над секоја институција во Србија, негувањето на раширениот евроскептицизам во општеството, неговото постојано зборување за ЕУ, а во исто време да не се прави ништо за приближување кон Унијата, изгледаше како идеална слика за Хрватска, на пример.

Ако владата на Студентската листа се зафати со важни чекори за владеењето на правото, борбата против корупцијата (која почна уште пред да се формираат новите власти), слободата на медиумите и реформите може да ја однесе Србија на брзи шини кон Унијата. Некому тоа и не му одговара. И да не се заборави дека владејачката ХДЗ во Хрватска и СДС во Словенија (на премиерот Јанез Јанша) сѐ уште се заедно во групацијата Европска народна партија.

Бранка Латиновиќ, поранешна амбасадорка на Србија, изјави дека властите во Хрватска, како и другите во регионот, беа многу воздржани од почетокот на студентските протести во однос на двегодишните протести, изборите и постизборниот период во Србија. „Ова важи како целина за политичкото милје во регионот, и за политичките партии на власт и за оние во опозиција. Само лидерот на СДСМ во Македонија ја поддржа Студентската листа, и тоа силно“.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша реши веднаш да реагира, еден ден по изборите во Србија и да им постави услов на победниците и да ја обесхрабри секоја можна иницијатива за поголема посветеност кон ЕУ. Тој на 26 октомври изјави дека Словенија нема да го поддржи понатамошниот напредок на Србија кон членство во ЕУ сè додека Белград не ги предаде архивите на поранешните југословенски тајни служби поврзани со Словенија.

Но Јанша не застана на таа изјава. Пред самитот ЕУ-Западен Балкан, Словенија изврши притисок врз Србија преку усвоената декларација за објавување на разузнавачките архиви од југословенската ера. Овој притисок има има и своја внатрешна, словенечка, приказна. Тој притисок потенцијално ќе ги оживее обвинувањата против комесарката за проширување Марта Кос за наводни врски со поранешните југословенски тајни служби. Доколку Србија ги објави архивите што се чуваат во Белград, тоа би можело да фрли светлина врз обвинувањата.

Декларацијата од самитот ЕУ-Балкан во средата ги повикува „релевантните партнери“ да „ги спроведат сите преостанати обврски според Договорот за прашањата за сукцесија и да ги решат преостанатите прашања поврзани со сукцесијата“. Големи делови од архивите на поранешните југословенски федерални разузнавачки служби остануваат во Белград, со ограничен пристап. Кос претходно негираше дека соработувала со поранешната југословенска тајна полиција.

Хрватската влада постави многу пошироки барања за идната влада на Студентската листа. Сегашната влада на ХДЗ во Хрватска со години беше спаринг партнер на СНС во градењето национализам, а Хрватска никогаш не гледаше позитивно на студентските протести во Србија.

Премиерот Пленковиќ ја повика новата влада во Србија да заземе „сериозен пристап“ кон прашањето за исчезнатите во последната војна на територијата на поранешна Југославија. „Очекуваме новата влада во Србија да заземе сериозен пристап во билатералниот дијалог кон проблемот во врска со кој претходните активности на српските власти не беа на нивото што го очекувавме и баравме“, рече Пленковиќ.

Потоа министерот за хрватски ветерани, Томо Медвед, објасни дека Хрватска бара 1.725 исчезнати лица, меѓу кои 389 хрватски ветерани, 417 жени и 16 малолетници, со посебен акцент на останките од областа на Вуковар.

Се споменуваат и барањата поврзани со процесирање на воените злосторства, отворање на архиви, обесштетување на затворениците во логорите и воени репарации, а се бара и воведување на задолжителни квоти и три загарантирани пратенички места за претставници на хрватското малцинство во Народното собрание на Србија врз основа на принципот на реципроцитет во однос на претставувањето на Србите во хрватскиот парламент, како и учество во владата и извршните тела.

А потоа следеше резолуцијата во Европскиот Парламент за Вуковар поттикната од хрватските европратеници. Политичките групи во Европскиот Парламент постигнаа договор за заеднички текст на резолуцијата во кој беа внесени пет измени. Меѓу нив е и споменувањето на извинувањето на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ при посетата на фармата Овчара, како и измена на формулацијата за одговорноста на политичките и на општествените актери во Србија.

Во конечната верзија остана формулацијата за големосрпската агресија врз Хрватска за време на владеењето на Слободан Милошевиќ. Сепак, во резолуцијата сега се предвидува оддавање почит и на жртвите од другите војни што се водеа за време на насилното распаѓање на Југославија.

Дали овие барања од Словенија и Хрватска ќе бидат обесхрабрување на владата на Студентската листа не можеме да кажеме. Каква ќе биде нејзината структура уште не се знае. Според заедничкото истражување на јавното мислење на организацијата ЦРТА од Србија и Лабораторијата за демократска акција при Универзитетот Стенфорд од јуни 2026 година, дури 75 отсто од поддржувачите на Студентската листа се ориентирани кон Европската Унија, а само 10 отсто кон Русија. Тоа е силен ветер во грб за идната српска влада да се зафати со големи демократски реформи.

Последната анкета објавена пред некој ден, а спроведена од Институтот за општествени науки од Белград и Фондацијата „Фридрих Еберт“, покажа дека ако утре се одржи референдум за пристапување на Србија во Европската Унија, 48,3 отсто од граѓаните би гласале за европска интеграција, додека 35 отсто би биле против. Но, доколку официјалното признавање на независноста на Косово биде поставено како услов за членство, 60,2 отсто од испитаниците би се изјасниле против влез во Унијата. Значителен дел од испитаниците, дури 46,6 отсто, сметаат дека Србија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Значаен дел од испитаниците – 37,7 отсто – оценуваат дека Црна Гора и Албанија „не заслужуваат“ членство во ЕУ, при што овој став е најзастапен кај оние што се противат и на српското пристапување. Тоа е резултат на долгогодишното култивирање на евроскептицизмот, на кој сега треба свој зачин да му додадат и две поранешни југословенски републики.

Дали нешто ви се познати ваквите резултати од култивирањето на евроскептицизмот во С. Македонија? Па тие речиси и да се идентични (кога ќе се спомене спорот со Бугарија).

Back to top button
Close