„Поентата на притворот е да овозможи непречено присуство на обвинет во судска постапка“: правник за отсуството на Корабоски од вчерашното рочиште
Правникот Стефан Дувњак реагираше по вчерашното судење за насилството врз 26-годишната Сара од Охрид, откако обвинетиот Кристијан Корабоски, кој се наоѓа во притвор, не беше спроведен на рочиштето.

Дувњак посочува дека причините за неговото отсуство не им изгледаат логични ниту на правниците, потсетувајќи дека една од целите на притворот е да се обезбеди присуство на обвинетиот во судската постапка, како и да се спречи повторување на делото или влијание врз сведоците.
„Како да им објасниш на обични луѓе зошто насилников и идиот од Охрид не е донесен денес на рочиште во суд, иако е во притвор, кога и на нас, правниците, не ни изгледа логично и правилно“, напиша Дувњак на Фејсбук.
Тој изразува сомнеж дека барањата за изземање на јавниот обвинител и судиите може да се користат за одолговлекување на постапката, предупредувајќи дека тоа дополнително ќе го зголеми јавниот интерес и притисокот за внимателно следење на случајот.
Дувњак упати поддршка до Сара и изрази надеж дека таа добива соодветна психолошка и стручна помош.






