Алиу: Министерството за здравство ќе раководи со сите процеси поврзани со Кочани
Министерството за здравство (МЗ) ќе раководи со сите процеси поврзани со Кочани, најави министерот Азир Алиу.
Тој рече дека веќе е направена работна група која е поврзана со експерти, локални невладини организации, локални институции и доктори и ќе се направи акциски план со јасно дефинирани процеси и човечки ресурси.
„Имавме неколкучасовна средба со експерти, родители, млади кои беа директно засегнати во трагедијата и слично. Одлучивме дека крајно време е Министерството за здравство заедно со Владата да преземе лидерство во координацијата со сите процеси, во врска со тоа каков вид на донации се потребни. Министерството ќе ја раководи работната група, во која ќе има и претставници од други институции. Во недела ќе ги соопштиме и имињата на луѓето од работната група, како да се контактира со нив. Пред нас се приоритети, краткорочни и долгорочни процеси“,
рече Алиу на денешниот брифинг со новинарите.
Алиу информираше дека ќе се отвори и мултифункционален иновативен центар што ќе нуди различни услуги, сервиси, простор за младите и другите во Кочани.
На прашањето дали ќе одговори на барањето од кочанската болница дека имаат доставено барање за вработување на општи лекари, физиотерапевти, медицински сестри за кои велат дека се неопходни, Алиу рече дека веќе е одговорено. Тој посочи дека салата во болницата веќе се приспособува и оти најверојатно за две до три недели ќе биде функционална и дека ќе има модерна инфраструктура.
„Ќе има вработувања таму и во други места“, најави Алиу.
Тој рече дека фокусот на Министерството за здравство е Кочани, но дека ќе се работи во сите здравствени установи.
„Како Министерство за здравство во фокусот ни е Кочани, но не ги забораваме и другите, во целата држава мора да ги опслужиме сите граѓани. Итно ќе работиме во Кочани и во сите здравствени установи со цел сите непрекинато да добиваат медицински услуги. Интензивно работиме на тоа, да се вработат соодветни кадри, во согласност со законите. Многу е итно да се реализираат нови вработувања. Тоа ни е една од главните заложби и многу кратко ќе излеземе со решение“,додаде министерот.