„ВМРО не е ваша сопственост“, му порача Костадин Костадинов на ВМРО-ДПМНЕ
Не е проблем тоа што ВМРО-ДПМНЕ не разбира политика. Проблемот е што не разбираат ни историја, ни идеологија, ни нација“, напиша на „Фејсбук“ градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
– Ова го пишувам не како противник, туку како социјалдемократ. Како човек што со љубов и длабоко разбирање ја познава историјата на македонската борба. Како некој што ја почитува вистината – и Преспанскиот договор како нужност и државнички чин. Не сум неутрален. Сум на страната на прогресот, на народот и на вистината. Затоа имам обврска да проговорам. ВМРО не е ваша сопственост. ВМРО не е ваш изум, ниту ваше право. ВМРО е во генот на Македонецот – како стремеж за правда, за национално достоинство, за социјална еднаквост и меѓуетничко разбирање. Тоа ВМРО било и ќе остане идеја што нè надминува сите. Секој што мисли дека ВМРО започнува и завршува со ДПМНЕ – ја навредува историјата“, вели Костадинов.
„Секој што мисли дека ВМРО е партиска ексклузива – му плука в лице на Гоце Делчев и сите идеалисти што го сонуваа народот како господар на својата судбина, а не како публика за дневна политика. Денешното ВМРО-ДПМНЕ не е ништо од тоа. Тие се само блед одраз на нешто што никогаш не го разбрале“, додава струмичкиот градоначалник.