Филипче: Пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва укажа на драматичниот пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ, економскиот колапс и лицемерното однесување на Владата, која наместо резултати, нуди само пропаганда.
„Нашите информации се дека ВМРО-ДПМНЕ има изгубено 100 илјади гласови до сега. Таков пад на гласовите, таков дебакл до сега во историјата на државата за толку кратко време едноставно не се случил“, изјави Филипче.
Тој предупреди дека власта се обидува да ја покрие реалната состојба во државата со агресивна ПР-пропаганда, но граѓаните не се наивни.
„Не затрупуваат со информации, со пропаганда, со ПР дека прават економски бум. Што се случи? Бум слушнавме само со тоа што треснавме на земја. Евростат излегува со податоци дека сме последна земја во Европа според економската стапка“, потенцираше Филипче.
Според него, Мицкоски говори за вредности, отчетност и транспарентност, но со секој чекор ја демантира сопствената реторика.
„Зборува за транспарентна работа, зборува за отчетна работа, зборува за некаков систем на вредности, а ако навистина ја вршат работата како што треба, нема да има потреба да зборуваат за тоа. Нема да имаат потреба да зборуваат како владата и институциите треба да работат во интерес на граѓаните, ако јавната администрација сама работи така“, истакна Филипче.
Тој потсети дека кога институциите се навистина чесни и ефикасни, резултатите сами зборуваат, без да се замајува јавноста со празни приказни.
„Нема да има потреба да им зборуваат за фотелји, за клупи и за гајби на граѓаните ако навистина работат чесно. Факт е дека тоа не го прават на тој начин“, нагласи претседателот на СДСМ.
Филипче, се обрати пред членовите на градската организација на партијата во Скопје и ги критикуваше локалните и централните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче рече дека она што се случува во Скопје е најеклатантен пример на неспособноста, негрижата и корупцијата на власта.
Филипче рече дека пропаста на Скопје е директна последица на пропаднатите зделки меѓу Мицкоски и Арсовска, на блокадите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на политичката калкулација на Владата која, и покрај тоа што има механизми, свесно го остава градот да се распаѓа.
„Скопјани не смеат да заборават дека Скопје тоне четири години заради пропаднатите бизнис зделки на Мицкоски со Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од градот четири години немаат друга работа освен да попречуваат, блокираат и се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ, со прст не мрдаат ако од тоа немаат личен и политички интерес. За ова треба да бидат казнети на локалните избори“, истакна Филипче.
Тој се осврна и на Трајко Славески, кој како претседавач со Советот, не придонесе со ништо за Скопје, но сепак беше награден од ВМРО-ДПМНЕ со функцијата гувернер на Народната банка.
„Трајко Славески како претседавач на советот, човек којшто не направи ништо, макар да се обиде нешто да се случи добро во градот, на крај беше награден од ВМРО-ДПМНЕ и стана гувернер на Народна банка. Беше награден заради тоа што го уништи Скопје и не се ни потруди да направи нешто за градот“, рече Филипче.
Тој ја критикуваше Владата на Мицкоски која, и покрај тоа што има инструменти да помогне, го остави главниот град да тоне во неред и распад.
„За мене е неразбирливо како може да си дозволи Владата да има механизми да му помогне на градот и на граѓаните и да го остави градот затрупан во ѓубре. Скопје нема јавен превоз, не направија ништо да го спроведат проектот за набавка на автобуси, не можат луѓето да стигнат од еден крај до друг“, истакна Филипче.