Заврши судењето на Мерко за незаконското назначување директори на училишта, пресудата ќе биде изречена утре

Со изведување на завршните зборови на обвинители на Основното јавно обвинителство и на застапникот на одбраната, денеска пред Основниот суд во Струга заврши судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко, кој е обвинет за незаконско назначување директори во основните училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Јавните обвинители Ванеса Бизати-Билјали и Џемал Лога во завршните зборови посочија дека обвинетиот во својство на градоначалник несомнено во повеќе наврати постапил спротивно на позитивните законски прописи и овластувања, со именување на функцијата вршител директор на лица кои не ги исполнувале условите. Според нив, Мерко назначувал в.д. директори без одлука на училишните одбори, без објавен оглас, несовесно постапувал и при употребата на неговите дискрециони овластувања како градоначалник, со што бил нарушен, меѓу другото, и процесот на функционирање на образовните установи.

Застапникот на одбраната, адвокатот Игор Петковски, во завршниот збор истакна дека обвинителството во процесот не успеало да докаже вина на обвинетиот, односно несовесно работење во службата.

Тој истакна дека од изведените докази во главната расправа несомнено не е утврдена намера кај обвинетиот за прибавување некаква корист за друг или нанесување штета, туку да се овозможи непречена работа на училиштата.

Одбраната, меѓу другото, укажа и на спротивставени мислења изнесени во изјавите на вештите лица од економска струка, кои, како што беше посочено, дијаметрално се разликуваат во мислењата за тоа од каде се исплаќани платите за односните в.д. директори, дали од сметката на училиштата или преку блок-дотации што се наменски средства обезбедени преку буџетот на Општината.

Судијата Јордан Јованов рече дека пресудата ќе ја објави утре.

Одвоениот предмет што против Мерко се води уште за назначувањето директор во училиштето „Браќа Миладиновци“ е во завршна фаза, а разврската се очекува наредниот месец. За наредниот месец судијата Јованов го закажа и рочиштето по предметот за училиштето во селото Велешта, каде што има обвинети што се товарат и за фалсификување исправа, на кое останува да се сослуша уште само еден сведок.

Back to top button
Close