Го туркаат Љупчо Георгиевски во Извештајот за Македонија

Извештајот треба да се гласа во Комитетот за надворешни работи на ЕП на 24-ти јуни.  Еднаш веќе беше одложен,  откако бугарските европратеници кренаа тензии околу спомнувањето формулации „многувековен македонски идентитет“ и „македонски јазик“, а бараа и истрага за начинот на кој до Скопје наводно протекле работни текстови и детали од извештајот.

Бугарските европратеници предложиле амандмани на Извештајот  со кои се осудува првостепената пресуда за Георгиевски и инсистирале да се споменат и други случаи на антибугарска политика во Македонија.

„Ние предложивме амандман  со кој се бара Љупчо Георгиевски веднаш да биде ослободен од секакви судски процеси и во овој амандман остро ги осудуваме овие обиди на судската власт, инспирирани од политичари, Љупчо Георгиевски да биде подложен на таа судска самоволност“, ја пренесе БНТ изјавата на европратеникот Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕНП).

Тонин: Не знаев дека ова е толку голем проблем

Еден од известувачите во сенка – Матеј Тонин од Словенија, коментирал дека  случајот Георгиевски  не може да биде вклучен во извештајот, бидејќи пресудата била донесена откако текстовите веќе биле подготвени. Според него, Бугарите немале причина да бидат загрижени.

„Прво, сакам да нагласам дека овој извештај е многу балансиран, дури на некои места е многу пробугарски, бидејќи ги вклучува сите бугарски ставови. На пример, дека  Северна Македонија  треба да го промени својот устав и треба да ја вклучи бугарската заедница во основниот закон. Постои јасна референца за говорот на омраза и заплашувањето на Бугарите. Македонската влада треба да се справи со ова“, изјавил Тонин.

Тој посочил дека никаде во извештајот не се зборувало за древен македонски јазик или идентитет.

„Во однос на  македонскиот јазик и идентитет,  јас не знаев дека ова е толку голем проблем во  Бугарија.  Слушнав од некои бугарски колеги, дека македонскиот јазик бил само дијалект на бугарскиот, но треба да кажам, дека не е работа на европратениците или на ЕП да одлучуваат. Тоа е задача на лингвистите или историчарите. Ние ја оценуваме сегашната ситуација во Северна Македонија и зборуваме за сегашниот македонски јазик и идентитет“, образложил Тонин.

Една дебата – многу пораки

Ова не е единствениот повод поради кој Македонија се најде во  дискусии на бугарски европратеници. Таа била спомната и на дебата во ЕП за „институционалните и политичките импликации од процесот на проширување на ЕУ во контекст на актуелните глобални геополитички предизвици“, при што била спомната идејата за носење одлуки со квалификувано мнозинство а не со консензус.

„Европската комисија (ЕК) повикува повеќе одлуки во Советот на ЕУ да се донесуваат со квалификувано мнозинство, а не едногласно. Зборувајќи во име на ЕК од говорницата на Европскиот парламент на дебатата во Стразбур посветена на проширувањето на ЕУ, еврокомесарката Екатерина Захариева истакна дека треба да бидат земени предвид и загриженостите на поединечните држави во ЕУ при гласањето за одлуките“, пренесе БТА.

Жена со очила (Екатерина Захариева) седи во салата на ЕП во Брисел, пред неа се наоѓа микрофон
Eврокомесарката Екатерина Захариева: Рускиот воен напад врз Украина нè потсетува на важноста на проширувањето на ЕУФотографија: BGNES

Дебатата за носење одлуки со квалификувано мнозинство а не со консензус не е нова, трае со години, а се засили по руската агресија во Украина, во контекст на надминување блокади во одлучувањето за прашања од надворешната и безбедносната политика.

„Рускиот воен напад врз Украина нè потсетува на важноста на проширувањето на ЕУ. Имаме интерес за силна и проширена ЕУ“, изјавила Захариева.

„Еврокомесарката посочи дека ЕК спроведува продлабочена политичка проценка за претстојното проширување. Според Комисијата, треба да се намали бројот на случаи во кои одлуките се донесуваат едногласно, објасни Захариева. Според нејзините зборови, неопходно е прво да се процени дали тоа може да се направи и без промена во европските договори“, објави БТА.

Пат кон неединство

Во оваа дебата бугарските европратеници се осврнале на темата и низ призмата на интеграцискиот процес на Македонија, и повторно бил спомнат претстојниот извештај на ЕП за напредокот на земјата.

Андреј Ковачев (EНП/ГЕРБ) истакнал дека проширувањето на ЕУ е императив како геостратешка инвестиција поради растечката закана од Русија и засиленото влијание на Кина, а исто така се осврнал на Македонија.

„Ако правиме компромиси со сопствените принципи и вредности, ќе ја поткопаме нашата иднина и ќе донесеме неединство, рече тој. Ковачев инсистираше дека изјавите на премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски,  за нацрт-извештајот на ЕП за напредокот на Скопје водат кон неединство. Ковачев повика наместо да се инвестира енергија во лобирање и борба, да се обрне внимание на преговарачката рамка, да се почитуваат билатералните договори и да се зачува взаемната почит“, пренесе БТА.

Ивајло Влчев (ЕКР/ИТН) порачал дека „нема причина да се верува оти Скопјe ќе ја промени својата политика и говорот на омраза кон Бугарите и Бугарија“.

„Ивајло Влчев коментира дека ситуацијата во која се наоѓа Скопјe е резултат на нивните сопствени дејствија или недејствија. Денес Скопјe можеше да биде рамо до рамо со Тирана и Подгорица, цврсто тргнати на својот европски пат. Не го направија тоа затоа што не сакаат. Нема отстапки што би довеле до тоа тие да ги исполнат веќе преземените обврски. Бугарија веќе направи компромиси и нема да отстапи ни јота од нив“, пренесе БТА.

ЕНП: Балканските земји – жртви на европската бирократија

Во дебатата се вклучиле сите политички групи во ЕП. Европската народна партија (ЕНП) посочила дека балканските земји кои поминале низ војна се жртви на европската бирократија.

„Земјите од Западен Балкан ги чуваат границите поврзани со нашата безбедност“, истакнале од ЕНП.

Од групата на социјалистите и демократите (СиД) ја повикале ЕУ да одговори на однесувањето на Србија и го поддржале предлогот за донесување одлуки со квалификувано мнозинство. „Патриоти за Европа“ изразиле несогласување со проширување на ЕУ од геополитички причини и го поддржале принципот на едногласни одлуки. Европските конзервативци и реформисти (ЕКР) се заложиле приемот на кандидати во ЕУ да биде постепен. Зелените, но и од групата „Обнови ја Европа“ го поддржале усвојувањето на повеќето одлуки на ЕУ со мнозинство и повикале на измени во европските договори. Групата на Левицата сметала дека проширувањето на ЕУ не треба да биде само геополитичка алатка, а од групата „Европа на суверени нации“ сметаат дека во последните години ЕУ е во неповратна криза, и за да преживее мора да ја подобри заштитата на границите.(dw)

Back to top button
Close