Кочанскиот градоначалник Крстевски седна во пицерија-дивоградба и пушти пренос во живо на „Фејсбук“
Привремениот градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, попладнево отиде во пицерија во градот за која вели дека е дивоградба, од каде вклучи видеопренос во живо на „Фејсбук“.
Крстевски е упорен во намерата да ги затвори сите нелегални и дивоизградени угостителски објекти во Кочани, во што се соочува со жесток отпор од дел од локалните угостители и моќници.
Откако денеска дојде и седна во пицеријата за која вели дека е цврст објект изграден без дозвола од општината, Крстевски ги соочи аргументите со сопственикот на објектот.
Крстевски во видеото го претстави газдата на пицеријата и рече дека се долгогодишни пријатели, но додаде дека тоа нема да го спречи во намерата да им стави крај на дивоградбите во центарот на Кочани, меѓу кои многу се токму угостителски објекти.