Клуч на бајката: Принцезата и грашокот
Бајките се древна форма на духовната меморија на човештвото, кодирана во симболи и архетипи кои, преку едноставни структури, се протегаат низ сите форми на уметност и кои ја отвораат вратата кон слоевити духовни вистини.

Меѓу нив, „Принцезата и грашокот“ (Prinsessen paa Ærten), бајка од Ханс Кристијан Андерсен, првпат објавена во 1835 година во збирката Eventyr, fortalte for Børn, навидум тривијална минијатура, но, под маската на едноставна приказна за деца, крие длабока духовна доктрина која во својата суштина е – алегориски текст на антички учења.
Иако Андерсен бил првиот што литературно ја обликувал во измислена приказна со која сите сме запознаени, постои сомневање дека е заснована на постари мотиви од усна традиција, веројатно од нордиско-келтски корени, иако ниедна претходна верзија не е текстуално документирана. Но корените одат подалеку – во структурата на митот, а особено во мистериозната топологија на митраизмот и гностичката космологија, каде што мотивот на испитување на душата (или иницијациската духовна чистота) преку сетилна перцепција има силна резонанца.
ЗА ШТО СЕ РАБОТИ ВО БАЈКАТА
Во оваа приказна, принцот сака да ја пронајде вистинската принцеза. Тој патува низ светот, но секој кандидат се покажува недостоен – на секој од нив му недостасува нешто за да избере кој било од нив. И така… Една дождлива вечер, на портата на замокот пристигнува студена, каллива девојка, тврдејќи дека е принцеза. Старата кралица решава да ја тестира нејзината искреност – ја поканува да преноќи и става грашок под дваесет душеци, планина од јоргани од гускини пердуви и дваесет перници. Наутро, девојката се жали дека не можела да спие поради нешто тврдо во креветот. Така се потврдува нејзината благородност – бидејќи само вистинска принцеза, со доволно чувствителна кожа – може да почувствува грашок под толку многу слоеви…
ЗРНОТО ГРАШОК КАКО ТРИГЕР ЗА ИНТРОСПЕКЦИЈА
Во учењата на Г. И. Гурџиев, поголемиот дел од човештвото спие – луѓето дејствуваат механички, несвесни за себе. Една од темелите на неговите учења е „внатрешно будење преку шок“. Грашокот – ситен, речиси невидлив – е токму таков шок: мал, но дестабилизирачки импулс што ја нарушува механичката природа на светот. Таа што чувствува непријатност во навидум совршени услови (дваесет душеци) поседува нешто клучно: искра на самосвест.
Принцезата не можеше да „заспие“ и со тоа ја отелотворува првата фаза од работата врз себе – неможноста да се смири во илузија. Грашокот го претставува почетниот импулс на сеќавање на сопствената состојба, истата онаа што Гурџиев ја нарекува „прв шок“ што го стимулира создавањето на потрајно „јас“.
ИЛУЗИЈАТА НА „ЈАС“ И ВИСТИНСКАТА ОСЕТЛИВОСТ
П. Д. Успенски, најдобриот ученик на мистикот Гурџиев, во своето дело „Четвртиот пат“ ги класифицира нивоата на свест: спиење, будење, самосвест и објективна свест. Повеќето луѓе не одат подалеку од првото. Принцезата, во овој контекст, е прототип на личност која се приближила до второто ниво – будење. Чувството на „зрното“ под толку многу слоеви ја симболизира перцептивната способност што продира низ илузиите – повеќекратни душеци (лажни идентитети, социјални улоги, его) што повеќето не ги препознаваат. Таа не е во хипноза како другите „лажни принцези“. Вистинската принцеза е онаа што ја „чувствува“ илузијата и на тој начин добива пристап до можноста за понатамошна еволуција.
„Принцезите“ кои не го поминуваат тестот се оние кои дејствуваат (ова се лажни идентификации; маски; улоги; безброј лажни „јас“ за кои секое мислиме дека е наш вистински идентитет), додека вистинската принцеза едноставно дејствува. Тестот со грашок ја открива разликата помеѓу конструираната идентификација и непосредната реалност на суштествата.
Нашето вистинско Јас не е во надворешноста, туку во искуството на реалноста. Принцезата е онаа која не е измамена од слоеви (перници, душеци), туку доаѓа во контакт со реалноста без филтер – токму ова „чувство на реалност“ е јадрото на духовното будење.
НИЗ ПРИЗМАТА НА АНТРОПОЗОФИЈАТА (Штајнер)
Рудолф Штајнер би ја гледал оваа бајка како слика за човековата еволуција кон повисоки состојби на свест, во кои сензуалноста е поврзана со развојот на духовното Јас (Манас). Во духовната наука, телото станува фин инструмент на душата, и токму оваа чувствителност кон дисхармонија станува мерка за духовен напредок. „Принцезата“ на тој начин би го симболизирала целото идно човештво составено од побудни поединци – суштества кои нема да спијат во материја; суштества кои будно ќе ја согледаат дури и најмалата нерамнотежа, дури и секое зрно неправда што ќе ги боцне без разлика колку удобност им служи животот на послужавник. Таквата чувствителност не е слабост – туку вистинска духовна сила. Чувството на „грашокот“ е духовен импулс кој реагира на неправда/дисхармонија.
СИНКРЕТИЗАМ НА СÈ ГОРЕНАВЕДЕНО
Така, низ призмата на вистински окулар, бајката „Принцезата и грашокот“ ви се открива во својата златна суштина и престанува да биде површна алегорија за снобизмот или чувствителноста на фината „кралска кожа“; туку длабока парабола за вистинското Јас (душата) што се буди во телото. Грашокот е активирач на внатрешниот импулс за будење и мал тест на будноста.
Сите мистици и психолози се спојуваат тука на едно место: вистинската принцеза не е онаа што ја носи надворешната титула, туку онаа во која никнува семето на свеста – и оваа свест го чувствува светот преку внатрешните ливчиња (неговото вистинско битие) кои не можат да бидат измамени од слоеви на удобност.
Оваа приказна нè учи дека вистинската кралска крв не е ниту материјална ниту видлива – туку се открива преку суптилна немирност што не ни дозволува да заспиеме во светот на лажна личност-удобност. На пример, во митрајските доктрини постои иницијациски пат кој има седум фази, секоја обележана со посебен духовен тест; и како во приказната – непробојните слоеви мора да се преминат за да се достигне „зрното“ на вистината. Грашокот е тоа иритирачко камче во чевлата што ја трие чувствителната кожа на стапалото; зрно вистина што може да го почувствува само „вистинска принцеза“ чија перцепција е почувствителна на суптилни иритации. Принцезата, која „не може да спие“ поради тоа „зрно“ – е внатрешното чувство на дисхармонија кога надворешната реалност не е во согласност со внатрешната вистина. „Само вистинската принцеза“ го чувствува ова – затоа што таа живее одвнатре, од доменот на „сегашната свест“ која не прифаќа околности што не се во согласност со нејзината божествена природа. Во гностицизмот и кај богомилите, материјалниот свет е превез од илузија, а душата мора да се разбуди и да ја препознае својата божествена искра преку болка, немир и неприпадност кон светот; мора да ја разбуди својата божествена меморија што е задушена од слоеви на сензуални (телесни) фасцинации. Како и во легендите за Патарен, каде што душата мора да помине низ сферичната иницијација на небесните зони, така и принцезата мора да ја „почувствува“ вистината, не рационално, туку длабоко преку духовна чувствителност (слоеви на удобни илузии). Бајката не го слави телото (физичката кралска крв), туку духовната (кралска) способност да се согледа вистината преку непријатност. Во теозофијата, овој мотив може да се набљудува преку седумкратната структура на човекот (физичка, етерична, астрална, мана, будхи, атма…). Да се почуствува зрното грашок значи да се има пробудено „буди тело“ – духовна интуиција, која болно ја чувствува дури и најмалата дисонанца во космичката хармонија.
Затоа, грашокот е внатрешен импулс за откривање на вистинската реалност – нелагодност што ја принудува душата да се сети на својата вистинска природа.
Извор: Knjiski molac/Facebook
Превод: Мила Макаровска