(Видео) Снимка од дрон од вчерашниот протест во Белград: олку нè затру со омраза и поделби, што повеќе не знаеме кој ни е брат, а кој непријател
Илјадници граѓани од цела Србија се собраа во саботата во главниот град на масовен протест под слоганот „Видимо се на Видовдан“, организиран од студентите во блокада. Главните барања на демонстрантите беа распишување нови избори, одговорност за изборните нерегуларности и укинување на т.н. „Ќациленд“ – ограден простор пред Собранието, во кој властите сместија контрапротестанти.
Протестот започна мирно, но вечерта заврши со тензии и судири помеѓу демонстрантите и полициските сили на потегот од Славија кон Парламентот. Полицијата употреби сила за да го растера делот од толпата што се обиде да влезе во оградениот простор пред законодавниот дом.
Најголемо внимание во јавноста предизвикаа снимки направени од воздух, кои ја прикажуваат контрастната слика на протестот: од едната страна – морe од граѓани, а од другата – кордони полиција кои го штитат делот со неколку стотици симпатизери на власта. Според многу корисници на социјалните мрежи, токму оваа слика ја отсликува реалната состојба на поделбата во српското општество.
„Толку нè затру со омраза и поделби, што повеќе не знаеме кој ни е брат, а кој непријател. Разделија семејства, соседи, целиот народ – само за да останат на власт. А вистината, гола и страшна, најјасно се виде на Видовдан“, напиша еден граѓанин на мрежата X.
Организаторите на протестот изјавија дека ова е само почеток на граѓанскиот отпор и дека нема да престанат додека не дојде до вистински демократски промени. Од страна на власта, пак, нема официјална реакција за случувањата на протестот, освен изјави дека сè било под контрола и дека биле загарантирани „јавниот ред и мир“.
За многумина, протестот на Видовдан претставува пресвртна точка. Додека едни зборуваат за поделен народ, други велат дека поделба нема – туку постојат граѓани кои се борат за промени и малкумина што, според нив, се платени да ја одбранат власта.