Вработена во Итна помош ќе одговара, зашто не испратила екипа да му помогне на повреден човек
Вработена во Итната помош во тетовската болница ќе одговара бидејќи не испратила екипа да му помогне на повреден човек во селото Доброште, соопшти МВР. Пријава доби и нејзиниот раководител, кому 35 годишната вработена му кажала за одлуката да не испрати помош.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.В.(35) и И.М.(51) од Тетово, вработени во Итна медицинска помош при ЈЗУ Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неукажување медицинска помош“.
На 29.06.2026 во Итна медицинска помош Тетово, првопријавената примила телефонска пријава, но не испратила екипа за укажување медицинска помош на повредено лице во с. Доброште, за што го известила и второпријавениот, кој бил раководител.






