Рама ги „исече“ Мицкоски и Курти од заедничката слика од самитот на Берлинскиот процес, Мицкоски објави слика со Курти
Албанскиот премиер Еди Рама се најде во фокусот во косовските медиуми поради фотографија од денешниот самит на Берлинскиот процес во Будва. Рама на „Инстаграм“ објави верзија од заедничката фотографија на лидерите, од која се исечени македонскиот премиер Христијан Мицкоски и косовскиот премиер Албин Курти, “.пишува „Коха јоне“.
На целосната фотографија се присутни сите учесници, но во верзијата што ја споделил Рама кадарот е потесен, а Мицкоски и Курти останале надвор од него.
Косовскиот портал „Национале“ го пренесе случајот со оценка дека Рама ги отстранил двајцата премиери од заедничката фотографија.
Објавата привлече внимание и во контекст на политичките несогласувања меѓу Рама и Курти. Во изминатите денови, претставници на косовското движење Самоопределување упатија остри критики кон албанскиот премиер, особено по протестите во Тирана.
Интересно е што на инстаграм-профилот на Христијан Мицкоски е објавена фотографија од самитот на која тој позира заедно со косовскиот премиер Албин Курти. Така, додека двајцата премиери останаа надвор од кадарот на фотографијата што ја сподели Рама, на профилот на Мицкоски тие се во центарот на вниманието, пишуваат косовските медиуми.
Самитот на Берлинскиот процес се одржа вчера и денеска во Милочер, кај Будва, со учество на лидерите од Западен Балкан, германскиот канцелар Фридрих Мерц и европската комесарка за проширување Марта Кос.
Во фокусот на средбата се регионалната соработка, економското поврзување и европската интеграција на земјите од Западен Балкан, пренесе слободен печат мк






