ЧЕКАМ ТЕ ДА ДОЈДЕШ

м-р. Глигор Стоименов

Кога од готово ќе направите вересија, кога ќе ја сведете дипломатија и односите со Р.Бугарија како во песната “Чекам те да дојдеш“, ќе добиете ништо друго освен “коњопој дипломатија“!
Премиерот неодамна ни соопшти дека огромен успех сме постигнале (како никој пред тоа), со тоа што ќе почнеме да одиме на разговори со министерката за надворешни работи на Република Бугарија?
После два дена се премисли па ни соопшти дека не очекувал ништо од тие средби! Па зар има некој во Македонија што не можеше да го предвиди исходот од таа средба со министерката за надворешни работи на Р.Бугарија, како и сите наредни “евентуални“ средби?
Сето тоа беше веќе видено и кажано!! Па тоа го зборуваме и пишуваме повеќе од четири години! Но за жал оваа наша “коњопој“ дипломатија се уште не може да разбере дека ако продолжи вака следниот пат ниту коњопој нема да им дадат, сите ќе бидат резервирани, ќе ги стават само на “стоење“ до врата!!

Но ајде да тргнеме по ред!

Имавме чиста ситуација пред 4 години, затворено прашање со Р.Бугарија и Преговарачка рамка за отпочнување на преговорите со ЕУ.
Какви таленти треба да бидете или политички “ситни души“ па сето тоа да го упропастите само поради партиски интерес, за да се дограбите и да опстоите на власт? Да ја загрозите иднината на оваа генерација Македонци со еден измислен “памфлет“ што не постои, “дека им го браните идентитетот“! Потоа следуваа сите оние измислени “небулози“ кои исто така не постојат!! Гаранции, предвидливост, па сега и најновата измислица “градење доверба“!! Не разбираат дека доверба со Бугарија нема да се изгради ниту во наредните 100 години во една ваква примитивна балканска констелација!! Но ме чуди како тоа не можат да разберат дека Преговарачката рамка токму затоа е создадена, за да евентуално немаме доверба и во наредните 100 години, ама да станеме членка на ЕУ најдоцна до 2030 година, ете затоа беше Преговарачката рамка и Францускиот предлог. Тоа го објаснуваме 4 години и до сега ќе бевме веројатно на тоа ниво на преговори со Албанија, малку зад Црна Гора со некое поглавје помалку.

А што добивме сега?

Сега се радуваме на тоа што не вратиле назад, да одиме на разговори со министерот за надворешни работи на Р.Бугарија. Прашањето околу нашата интеграција не се решава таму во Софија, тоа беше всушност исходот и од средбата!! Ама така не “советувала“ Фон Дер Лајен, претседателката на ЕК, ќе рече некој талент! А што да ви каже Фон Дер Лајен кога гледа дека ништо не разбирате? Ќе одите на средба и ќе видите самите! Се уверивме, не вратија назад, да чукнеме на друга врата!! Ќе Ви кажат повторно, исполнете ги Вашите меѓународни обврски!! Се така во круг. Се однесуваме на меѓународната сцена како “гуски во магла“! Тоа ни го кажуваат сите ама ние некако “мутави“ се правиме. Но најинтересно од се и врв на оваа рапсодија од пропаднати и лицемерни политики е нашата површност, нашето незнаење, нашата неукост, немање чувство за политичкиот моментум кога се решаваат суштински прашања за нацијата и тоа е огромен проблем!!

Како беше она, “ од главата си страдаме“!

Но почитувани, од поодамна е се јасно!
Најголемата владејачката партија не сака придвижување на нашиот европски пат. Тоа е влада која има политички интерес да застанеме тука. Политика која нема ништо друго што да понуди освен да не заштитува од Албанците и Бугарите, односно да ни го “брани идентитетот“. Но таа политика нема да не донесе до никаде, ќе не донесе до амбис! Ќе направиме уште две три средби со официјални претставници од Бугарија и толку, тука ќе застанеме. Таман кога ќе се договориме за наредна средба ќе направиме некој инцидент како оној со Ива од Кочани, (никој ништо не знае) и повторно ќе ги заостриме односите со Р.Бугарија. Како беше она, “како некоја невидлива рака да не сака да ги почнеме преговорите со ЕУ“! Па која е таа невидлива рака, зар е тешко да видиме? Се надевам дека во периодот пред нас на граѓаните ќе им станува се повеќе јасно која е таа “невидлива рака“!
Факт е дека како никогаш до сега имаме една ситуација кога се поголем број на луѓе се согласуваат дека ова е најслабата и најнеспособна влада од осамостојувањето на Македонија до сега. По сите параметри, како политички така и економски! Влада и политика кои за нешто повеќе од две години имаат огромен пад на рејтингот, тренд кој до сега не е забележан кај нас! Граѓаните го чувствуваат тоа, никогаш не биле посиромашни и со понизок стандард на живот како што се сега!! Убедливо последни во регионот!! Па присетете се само, дали некогаш сме имале полоша ситуација во македонското јавно здравство? Дали сме имале понеспособен министер за здравство до сега, пискотници и кукање од пациентите на сите страни! Дали сме имале ваква партизација на државните институции како што е сега и ваков политички примитивен реваншизам! Како да се водени од паролата “Секоја куварка ќе ја направиме политичар и око нема да ни трепне“! Ги претворија државните институциите во фамилијарни компании и туристичкуи агенции! Непотизам на сите страни! Брачни другари на директорски позиции, кумови, братучеди, сватови, сите заедно, битно да се од иста партија. Погледнете ја ситуацијата во Судскиот совет и обидот да се избере член кој е партиски активен! Се врши еден масовен атак и инфилтрација на блиски и подобни луѓе од партијата во сите ешалони на судската власт. Но оваа масовна појава за жал се случува само кога е оваа политичка партија на власт! Да, само оваа партија кога е на власт имате медиуми со национална фреквенција кои функционираат како партиски гласила и мегафони, само кога се тие на власт. Така ја разбираат власта и демократијата! Не сакам воопшто да зборувам за економската ситуација, за висината на платите и растот на цените, ама ич да не зборуваме, се е јасно!! Веќе зборуваат граѓаните за тоа!
Да, точно е, во политиката тешко и бавно се менува перцепцијата кај граѓаните кои се повеќе се незадоволни но тоа не го артикулираат доволно, но ќе дојде и тој моментум на “прекршување“ на јавното мислење со силна политичка артикулација, убеден сум во тоа. Сите анализи и истражувања на јавното мислење покажуваат дека вистинскиот рејтинг на владејачката партија е некаде меѓу 12-15%! Со таа мала поддршка за жал ја држат цела власт во државата на сите нивоа и не даваат “пиле да прелета“! Но тие ќе владејат и со 10% до колку народот остане апатичен и резигниран за својата судбина и до колку не разбере дека тој е оној суверен кој владее со својот живот и никој друг освен него!!

25 Октомври, Избори во Р.Србија!

За некој ден, на 25 октомври во Р.Србија ќе се одржат парламентарни избори кои може силно да го “растресат“ Балканот и силно да ја растресат и нашата официјална политика! Тие избори кај нашиот северен сосед се три пати поважни за нас од колку изборите во Унгарија и падот на Орбан. Токму затоа мобилизацијата и кај нас е голема во насока на поддршка на досегашниот претседател Александар Вучиќ. Се формираат сестрински партии на владејачката СНС овде кај нас кои треба да бидат една логистика за мобилизација на населението за претстојните избори таму, како парламентарни така и претседателски. За прв пат по долго време опозицијата таму која е предводена од “Студентската листа“ има реални шанси да направи некој пресврт, останува да видиме. Тешка е борбата на српските студенти и српската интелигенција која маршира деновиве низ цела Србија за да сруши еден силен авторитарен режим кој владее долго, ќе видиме дали ќе успеат! Српската интелигенција и младост се судрија со една политика која е продолжение на онаа српска политика од крајот на осумдесетите. Продолжение на онаа политика која ја растури Југословенската федерација, која донесе војни и страдање на овие простори, политика која сега прави проблеми во БиХ, подбуцнувајќи ги националистите таму во РС кон рушење на “Дејтонска Босна“, политика која правеше проблеми и во Црна Гора особено пред нејзиното отпочнување на преговорите со ЕУ. Но Црна Гора полека ама сигурно како да се извлекува од тоа влијание. Тоа е исто така политика која нас не стави во проектот “српски свет“ а ние тоа со голема радост го прифативме. Денес за жал најголемата владејачка и “најпатриотска“ партија станува една “експозитура“ на српската политика и жално е сето тоа да се гледа!! Токму затоа, евентуалниот пад на СНС и Александар Вучиќ ќе донесе несомнено големи потреси и кај нашата владејачка партија и проекцијата на нејзините политики во периодот кој следи! Но ќе видиме што ќе се случува?

Почитувани, во сета оваа ситуација кај нас и нашето опкружување и овие битки со нашиве “али експрес“ авторитарци, нови “удари“ кон опозицијата доаѓаат од сите страни. Онаа платформа “12.05, “Разговори за ништо“, достави некое “барање“ до раководството на СДСМ, кога прочитав таму што пишува се фрапирав искрено! Ај што нема ништо суштински, туку буквално бараат од актуелниот претседател на партијата избран легитимно минатата година со скоро 20 000 гласа, да си заминел!! Понудата гласи “оди си ти да дојдеме ние“!! Ова е политичко насилство кое нема историја во СДСМ, ова не се случувало до сега во СДСМ!! Претседателот на партијата Венко Филипче за овој краток период покажа вонредна волја и упорност да ја консолидира партијата по оној историски пораз од 2024 година. Секако дека тоа е тешка, бавна и макотрпна работа. Но вакви удари од зад грб од луѓе кои сте ги сметале за свои е исто така тешка и мачна работа. Но јас сум убеден дека тие ќе бидат изненадени од упорноста и волјата на претседателот на партијата да ги порази овие платформи и да им покаже колку длабоко грешат што се ставаат во функција на одредени политички интереси за слабеење и дефокус на единствената опозициска сила во земјата! Да, единствената опозиција, се друго е заебанција!!

П.С.Многу ми се допадна говорот на Францускиот претседател Емануел Макрон минатиот месец од говорницата пред Генералното Собрание на ООН! Пред сите нас го постави прашањето “Дали ќе дозволиме правото на џунглата да завладее со светот“?
Секако голема одговорност за човештвото во периодот кој следи!! Имајќи во предвид какви “лудаци“ го запоседнаа светот и каква голема моќ и власт имаат во своите раце, навистина нема да биде лесно, одговорноста е голема!!

Back to top button
Close