Тепачка меѓу пратеници на власта и опозицијата во албанскиот парламент

Во албанскиот парламент денеска дојде до физичка пресметка помеѓу пратеникот на опозициската Демократска партија, Фљамур Нока, и шефот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Таулјант Баља.

Нока му го украде микрофонот на Баља и фрлаше хартии кон него, по што претседателот на парламентот, Нико Пелеси, ја прекина седницата на пет минути, јавуваат албанските медиуми.

Инцидентот се случи на десеттиот ден од протестите во Албанија, за време на кои демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама.

Денешната седница на албанскиот парламент започна во напната атмосфера, бидејќи претставниците на Демократската партија ја блокираа говорницата со фотографии од демонстрантите повредени за време на протестот.

Кога шефот на пратеничката група на социјалистите, Таулкант Баља, доби збор да го изнесе ставот на владејачкото мнозинство, пратеникот на опозицијата Фљамур Нока му се приближи, го истргна микрофонот од масата и почна да фрла хартии кон него.

Поради инцидентот, претседателот на парламентот, Нико Пелеси, нареди пауза од пет минути, јавува Коха, повикувајќи се на телевизијата А2.

Пратениците од опозицијата претходно изјавија дека парламентот не може да продолжи со својата нормална работа додека продолжуваат протестите и обвинувањата за полициско насилство.

„Денеска има само една точка на дневен ред. Го осудуваме полициското насилство. Мора да бидеме со демонстрантите, да ги слушнеме нивните барања и гласот на генерацијата што не се плаши од владата. Не може да има парламентарна дискусија во услови на социјална криза“, се наведува во заедничкиот став на пратеничката група на Демократската партија, кој го прочита Бељинд Кељиќи.

Демократската партија соопшти дека ги поддржува барањата на студентите што протестираат на улиците.

На дневниот ред на седницата беше интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, Ервин Дема, кое го побара опозицијата поради постапките на полицијата за време на протестот пред парламентот.

Опозицијата претходно побара министерот да одговори пред пратениците, но испрашувањето беше одложено со образложение дека Дема штотуку ја презел функцијата и дека му треба време да се запознае со отворените прашања.

Утрово, премиерот Рама повторно ги покани демонстрантите на дијалог, но овојпат, наместо столчињата што ги постави претходно, подготви бетонски клупи со писмена покана за разговор.

Демонстрантите ја отфрлија неговата покана во претходните денови и ги скршија столчињата поставени за дијалог.

Рама вчера предупреди на остри мерки против учесниците во насилните протести, вклучително и одбивање одредени услуги и можност за забрана за влез во земјите од Европската Унија.

Протестите во Албанија траат веќе десет дена, со судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека опозицијата ги поддржува барањата за оставка на премиерот.

Back to top button
Close