Митески не се извинува: жената го извадила отпадот ден пред договореното и го оставила на непрописна локација

Ова не е прв ваков случај, во кој се бара услуга, отпадот се остава покрај контејнерите, а потоа, непосредно пред подигањето, услугата се откажува, тврдат од Општина Аеродром.

Откако вчера градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, на „Фејсбук“ јавно објави фотографии на кои се гледа жена како остава стар мебел на јавна површина и притоа посочи дека станува збор за неодговорно однесување и создавање дива депонија, во коментар се огласи споменатата жена, која тврдеше дека уредно пријавила и платила за одложување на кабаст отпад, кој надлежните требало да го преземат наредниот ден, односно денес.

Таа му се закани со „тужба за клевета и јавна бламажа“ и побара јавно извинување, а притоа му порача на Митески да ги провери информациите во Општината и во инспекциските служби.

На прашањето до Општина Аеродром, дали веќе се проверени тврдењето на жената и доколку се точни, дали градоначалникот јавно ќе и се извини исто како што јавно ја објави и ја изложи на потсмев и непристојни коментари, оттаму за „Слободен печат“ велат дека станува збор за жителка која има побарано услуга, за која се плаќа по подигање на отпадот, но дека таа го извадила отпадот еден ден порано од договорениот термин за подигање.

Таа добила термин за подигање, со објаснување од службите дека непосредно пред терминот, отпадот треба да биде оставен на пристапно место пред зградата. Но, таа е фотографирана како го вади отпадот еден ден порано од договорениот термин и го остава покрај контејнерите, кои се наоѓаат спроти локацијата за која е побарана услугата, а не непосредно пред зградата, како што ѝ било нагласено. Ова не е прв ваков случај, во кој се бара услуга, отпадот да се остава покрај контејнерите, а потоа, непосредно пред подигањето, услугата се откажува. Притоа, претходно побараната услуга се користи како образложение во случај некој од граѓаните или инспекциските служби да реагира на постапката – велат од Општината.

Оттаму додаваат дека за конкретната локација многу пати досега имале реакции од граѓаните дека непрописно се остава кабаст отпад, кој создава лоша слика за животната средина, поради што постапуваат инспекциските служби.

 

Back to top button
Close