Ослободени се обвинетите за нападот врз Пендиков, кој обвинуваше дека бил тепан оти се чувствувал како Бугарин

Основниот суд во Охрид ги ослободи Борче Ангелов и Илија Спасески од обвинението за физичкиот напад врз Христијан Пендиков, поранешен секретар на бугарскиот клуб во Охрид. Пресудата е донесена на повтореното судење, откако Апелациониот суд во Битола го врати предметот на повторно одлучување.

Рочиштето траело околу два и пол часа, без изведување нови докази. Според објавените информации, судот оценил дека не е докажано оти обвинетите го сториле делото што им се става на товар, ниту дека нападот бил извршен од етнички мотиви.

Во првичната постапка, Ангелов и Спасески беа осудени на по осум месеци затвор за нанесување тешка телесна повреда. По одлуката на Апелациониот суд во Битола, предметот беше вратен на повторно судење.

Адвокатот на Пендиков, Стефан Камишевски, изразил незадоволство од одлуката, тврдејќи дека во текот на постапката не се појавиле нови факти или докази што би укажале на поинаков мотив за нападот. Тој посочил дека одбраната на Пендиков нема право на жалба во оваа фаза и дека следниот чекор зависи од Обвинителството.

Незадоволство изразил и Пендиков, кој пресудата ја нарекол срамна и оценил дека испраќа опасна порака. Тој тврди дека по нападот на 19 јануари 2023 година бил изложен на постојано вознемирување, навреди и клевети, насочени и кон неговото семејство.

На рочиштето во Охрид присуствувале и пратеници од Бугарија, кои дошле да му дадат поддршка на Пендиков. Нападот во јануари 2023 година предизвика дипломатски реакции и дополнителни тензии во односите меѓу Скопје и Софија.

Back to top button
Close