Полицијата била пред „Пулс“ и помагала по пожарот, рекоа сведоци на одбраната
На денешното рочиште се обрати и родител на една од жртвите, кој истакна дека помошта што била укажана по избувнувањето на пожарот не може да ги избрише службените пропусти што му претходеле на настанот

Со сослушување на тројца сведоци предложени од одбраната, денеска во Судот продолжи судењето против 13 полициски службеници обвинети за непостапување согласно акцискиот план во врска со трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 животот го загубија 63 лица.
Сведоците говореа за присуството на полицијата пред и по избувнувањето на пожарот, опишувајќи ги контролите што се вршеле кај влезот, но и помошта што полицајците ја укажувале за време на хаосот.
Првиот сведок, кој во моментот на настанот бил малолетен, изјави дека со пријателите решиле да излезат од дискотеката околу 1:15 часот, откако келнерот ги предупредил дека надвор има полиција. На самиот влез бил сопрен од полициски службеник, кој му земал лични податоци, кого во судницата го посочи како обвинетиот Марјан Радевски.
„Токму во тој момент од внатрешноста се слушна повик дека има пожар. Некој од внатре викна дека се запалило и полицаецот ни кажа да бегаме од местото“изјави сведокот.
Тој потврди дека причината поради која излегле од дискотеката била фактот што биле малолетни и дознале дека надвор има полиција. На дополнително прашање дали би останале во дискотеката доколку немало полиција, одговори потврдно.
Во понатамошниот исказ наведе дека по избувнувањето на пожарот слушнал луѓе како повикуваат да се направи простор за евакуација.
„Слушнавме како некој вика ’правете место, правете место да излезат луѓе’, потоа ние викнавме такси и си заминавме“изјави тој.
Сведокот, одговарајќи на прашања од обвинителството, изјави дека непосредно пред пожарот видел полициски службеници кај влезот на дискотеката, но не забележал дали биле преземени други мерки освен идентификацијата на присутните.
Вториот сведок наведе дека истата вечер претходно го забележал Радевски за време на полициска контрола во кафулето „Булевар“, а подоцна и пред билетарницата на „Пулс“. Тој опиша дека се наоѓал во близина на влезот на објектот кога следувала експлозија која го отфрлила по скалите, по што заедно со Радевски и други полицајци помагал во расчистување на влезот и поместување на повредените.
„Марјан бараше да го расчистиме влезот кај скалите“,рече тој.
Сведокот изјави дека меѓу неговите другари имало и тешко повреден млад човек, кој подоцна бил лекуван во Шпанија. Откако ги пронашле сите членови на друштвото, со сопствено возило го пренеле повредениот во Штип.
Тој нагласи дека на местото имало и други полициски службеници.
Третиот сведок исто така потврди дека полицајците давале инструкции за транспортот на преживеаните.
На денешното рочиште се обрати и родител на една од жртвите, кој истакна дека помошта што била укажана по избувнувањето на пожарот не може да ги избрише службените пропусти што му претходеле на настанот.
„Спасувањето е реакција кога опасноста веќе настапила, а спречувањето е навремено постапување пред да бидат загрозени човечки животи. Клучните прашања се зошто воопшто било дозволено одржување концерт во објект што работел незаконски, зошто настанот не бил спречен ако не бил пријавен во МВР и дали навремено било реагирано поради пиротехниката. Очекуваме Судот да утврди кој бил должен навреме да ја спречи трагедијата во која загинаа 63 лица“изјави родителот.
Инаку, од обвинетите 13 полициски службеници, деветмина се полицајци, а четворица се началници – двајца од ОВР Кочани и двајца од СВР Штип.
Судењето е поврзано со трагичниот пожар што избувна на 16 март во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. Иако биле присутни кога избил пожарот, ниту ја прекинале забавата, ниту спречиле активирање на пиротехниката.
Судењето го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Спасенка Андонова.






