Германскиот министер за внатрешни работи не сака да брза со забраната на АфД
Германскиот конзервативен министер за внатрешни работи Александар Добринт реагираше претпазливо на повиците од коалицискиот партнер Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Зелените да се забрзаат напорите за забрана на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), објави ДПА.
-Одлуките донесени на партискиот конгрес на СПД сè уште не претставуваат мандат за министерот за внатрешни работи, рече Добринт од Баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) во подкастот „Табела“.
ЦСУ и Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц ја предводат владејачка коалиција со СПД.
На последниот, трет ден, од национален конгрес на СПД, партијата вчера усвои резолуција со која се повикува на подготвителна работа за започнување на забраната на АфД.
“Сега е време одговорните уставни власти да започнат со подготовки за итно барање за прогласување на АфД за неуставна“, се наведува во соопштението на СПД.
Зелените, кои се во опозиција во Бундестагот, исто така, ја поддржаа иницијативата во изјава за германската новинска агенција ДПА.
Но, Добриндт не е за брза акција. Тој нагласи дека одлуката на покраинските министри за внатрешни работи останува непроменета: ќе се формира федерално-покраинска работна група која ќе го разгледа случајот само ако судот ја потврди класификацијата на AфД како „потврдена екстремистичка партија на крајната десница“.
Повиците за забрана на AфД се интензивираа откако Федералната канцеларија за заштита на Уставот во мај ја прекласифицираше партијата како „потврдена крајнодесничарска екстремистичка“, овозможувајќи подетално следење и контрола. Меѓутоа, ознаката „потврдена крајнодесничарска екстремистичка“ е привремено суспендирана во исчекување на решението по жалбата поднесена од AфД
Работната група на федерални и покраински министри за внатрешни работи чека одлука од Управниот суд во Келн, која ќе утврди дали прекласификацијата ќе биде потврдена. Само тогаш ќе се разгледуваат последиците за државните службеници, поседувањето оружје и пристапот до класифицирани информации – но не и евентуална забрана на партијата.
Добриндт постојано изјавува дека не ја поддржува забраната за AфД, а канцеларот Фридрих Мерц, исто така, изрази скептицизам по ова прашање.
АфД, позната по својата антиимигрантска, антимуслиманска, евроскептична и националистичка реторика, остана една од најконтроверзните партии во германската политика во текот на изминатата деценија, забележува ДПА.
Партијата доби на популарност во последните години, искористувајќи го незадоволството на јавноста од економската состојба и растечките загрижености за имиграцијата. АфД во моментов е најголемата опозициска партија во Германија.