11 ден протести во Тирана: Се бара безусловна оставка од Рама

-Денеска, на протестот пред кабинетот на премиерот во Тирана, со што демонстрациите влегоа во својот 11-ти ден, на универзитетските студенти и предавачи им се придружија граѓани и здравствени работници.

Предавачите и студентите најпрвин се собраа пред Политехничкиот универзитет во Тирана, каде што Александер Ковачи, претседател на синдикатот на универзитетските предавачи, изјави за новинарите дека движењето одразува растечка меѓународна свест во рамките на албанската интелектуална заедница, јавува Албанската телеграфска агенција.

„Мораме поблиско да соработуваме за ваква важна кауза“, рече тој. „Ние сме синдикат на универзитетските предавачи и нашиот фокус се студентите. Тука сме за да ставиме крај на диктатите на универзитетите. Ќе им се придружиме на студентските протести. Каде и да се тие, ќе бидеме и ние“, додаде Ковачи.

Група студенти по медицина, облечени во бели мантили и со хируршки маски, исто така се приклучија на денешниот протест пред седиштето на Владата.

„Придружете ни се“ и „Обединетите студенти ќе победат“ беа дел од паролите што ги извикуваа младите демонстранти додека маршираа низ улиците на Тирана. Синдикатот на универзитетските работници продолжува да ги поддржува студентите, кои веќе 11 дена протестираат во главниот град против политичкиот естаблишмент, барајќи подобро образование и подобри услови за живот.

Ермал Пашај, лекар и универзитетски предавач, изјави дека потписниците – меѓу кои лекари, стоматолози, фармацевти и други здравствени работници – застанаа покрај студентите во одбрана на животот, достоинството и иднината на Албанија.

„Не можеме да молчиме пред насилството врз младите луѓе и кршењето на нивното право на мирен протест“, рече Пашај, осудувајќи го насилството врз студентите и врз оние што им пружаат прва помош на повредените.

Групата побара итна оставка од премиерот Еди Рама, опишувајќи ја како чин на политичка одговорност за кризата и нејзината ескалација. Тие, исто така, побараа формирање технократска преодна влада, која би овозможила мирно разрешување на ситуацијата, би го вратила функционирањето на институциите и би ја обновила довербата на јавноста.

Гентијан Строни, претседател на синдикатот на лекарите, изјави дека барањата на студентите се легитимни и заслужуваат поддршка, притоа повикувајќи ги и демонстрантите и полицијата на воздржаност.

„Не сакаме физичко насилство. Сакаме да ги поддржиме студентите и да се осигураме дека нема да бидат нападнати. Не сакаме повторно да ги составуваме скршените коски на Албанците, без разлика дали се тие студенти или полицајци. Двете страни мора да покажат воздржаност“, рече тој.

Александер Биберај, универзитетски предавач и поранешен пратеник кој присуствуваше на протестот, изјави дека нивното барање не е предмет на преговори: премиерот мора безусловно да поднесе оставка.

Студенти, предавачи и граѓани веќе 11 дена протестираат во Тирана против актуелната политичка гарнитура, барајќи оставка од Рама, како и подобри услови за образование и живот.

Back to top button
Close