Ниту едно вето не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ – вели Мицкоски

Македонија треба мудро и трпеливо да продолжи по патот кон Европската Унија, и покрај долгото чекање, билатералните спорови и, како што рече, пречките од источниот сосед, порача премиерот Христијан Мицкоски во денешното обраќање на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Посочи дека земјата треба да продолжи кон ЕУ преку реформи, силни институции и зачувување на националното достоинство. Ја истакна и измореноста на граѓаните од долгото чекање за членство, нагласувајќи дека заслужуваат европска перспектива во која ќе веруваат.

„Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Големите го прават тоа што сакаат, а малите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес. Но иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малите народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост. Со мудрост може да има иднина, кога веќе природната предодреденост, поставеноста и геополитиката не нудат сила“ рече тој во обраќањето по повод 23 Октомври.

Осврнувајќи се на Бугарија, Мицкоски рече дека по нејзиното зачленување во ЕУ се појавиле прашања и пречки што претходно, според него, не биле во фокусот на билатералните односи. Оцени дека токму затоа е важно Македонија да стане членка на Унијата и однатре да може рамноправно да ги застапува своите позиции.

Порача дека напуштањето на преговорите со ЕУ би значело откажување од можноста земјава рамноправно да ги застапува своите интереси во Унијата.

„Честопати ни велат: ‘Напушти ги преговорите!‘ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса. А зошто е важно да влеземе во европскиот клуб и на таа маса да разговараме рамноправно? Затоа што низ примерите на соседите кои веќе влегоа во Унијата, а се таму години пред нас и ни создаваат пречки, гледаме колку е важно да бидеме таму. Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав, никој не знаеше за барем еден случај на обесправен самодеклариран Бугар во државава, иако денес лелекаат за неколку, ниту пак некој од нив велеше дека Гоце, Јане, Карев, Ѓорче се луѓето коишто денеска според нив се Бугари. И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат“ вели премиерот.

Во говорот, рече и дека нема да подлегне на провокации и притисоци, ниту да се откаже од, како што ја нарече, промакедонската политика. Тој додаде дека неговата задача како премиер не е да се занимава со минатото, туку да обезбеди подобра иднина за децата.

„На оние кои се шнајдери на историјата, што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ“кажа Мицкоски.

Европската иднина на земјава, според него, треба да се гради со мудрост, знаење и единство, а граѓаните заслужуваат перспектива во која ќе можат да веруваат и можност својата иднина да ја остварат дома.

Предупреди на можни обиди Македонија да биде вовлечена во проблемите на други земји или дел од нивната атмосфера да се пренесе во секојдневието на граѓаните. Оцени дека состојбата во Европа станува се понемирна, посочувајќи на протестите и различните форми на насилство во евроските земји и во регионот.

Ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и наметнувања, особено на како што рече, вештачки прашања и хиперболизирани етнички теми.

Back to top button
Close