Трамп го испраќа првиот човек на Балканот. Ќе оди во Белград, Приштина и Сараево
Брендан Ханрахан, висок функционер во Бирото за европски и евроазиски прашања на американскиот Стејт департмент, најави посета на Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Тој се смета за доверлива личност од потесниот круг на американскиот државен секретар Марк Рубио, пишува „Косово онлајн“, пренесувајќи го „Албанијан пост“.
Ханрахан беше дел од тимот на Марко Рубио и претходно, додека тој беше сенатор.
Иако нема долга дипломатска кариера, тој се смета за доверлива личност во потесниот круг на Рубио и се очекува да игра клучна улога во редефинирањето на американскиот пристап кон Европа, вклучително и Балканскиот Полуостров.
Неговото доаѓање ќе биде првата посета на висок американски функционер во регионот по промената на владата во САД во јануари оваа година.
Оваа посета, исто така, сигнализира враќање на фокусот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп кон овој дел од Европа, наведува „Албанијан пост“ и наведува дека Ханрахан го претставува новиот пристап на администрацијата на Трамп кон регионот, комбинирајќи го своето богато искуство во бизнисот со дипломатијата – елемент што го одразува и карактерот на надворешната политика на Трамп.
Неговата посета на регионот се смета за прв тест за посветеноста на администрацијата на Трамп кон Западен Балкан – регион каде што САД историски играа клучна улога во промовирањето на мирот, стабилноста и демократскиот развој.
Инаку, Ханрахн завчера ја најави својата посета на Србија, Косово и БиХ на социјалната мрежа Икс, а по тој повод напиша дека тоа е пресвртница во Западен Балкан по продуктивните разговори во Дејтон и Вашингтон.
Во четвртокот тој се сретна и со косовската претседателка Вјоса Османи во Стејт департментот.
Во официјалната биографија на Ханрахан е наведено дека пред да работи за Стејт департментот, бил инвеститор во „Бејн капитал“ во северноамериканскиот тим за приватен капитал. Таму управувал со бизниси и соработувал со компании во секторите за потрошувачки и деловни услуги.
Претходно бил вработен како политички советник во сенатскиот комитет за мали бизниси и претприемништво. Тој ја започна својата кариера во „Мекинзи енд компани“, каде што им обезбедуваше поддршка на клиенти од јавниот и приватниот сектор.
Кога беше назначен на позицијата висок службеник на Бирото за европски и евроазиски прашања, во време на растечки тензии меѓу Европа и САД, медиумите објавија дека немал документирано директно искуство во традиционалната надворешна политика.
Ројтерс, исто така, напиша дека не е јасно дали Ханрахан е донесен на привремена или долгорочна основа, бидејќи позицијата на високи службеници на бирото служи како вршител на должноста кога помошникот секретар, позиција потврдена од Сенатот, сè уште не е пополнета.
Брендан Ханрахан има диплома за додипломски студии од Харвард колеџот и магистерска диплома по бизнис администрација од Станфордската школа за бизнис.+
Извор: nezavisen.mk