Црна дупка, 265 пати помасивна од Сонцето, се создала со спојување на две помали
Научниците открија грандиозен судир на две масивни црни дупки коишто спирално се вовлекле една во друга. Тоа, според многумина – за среќа, се случило далеку вон работ на нашата галаксија Млечен Пат.
Овие две црни дупки – секоја со маса повеќе од 100 пати поголема од Сонцето, одамна почнале да орбитираат една околу друга и на крајот се судриле и споиле, со што се создаде уште помасивна црна дупка. Сѐ тоа – на околу 10 милијарди светлосни години од Земјата. Овој настан е најмасовното спојување на црни дупки некогаш забележано од детекторите на гравитациски бранови, па нуди нови научни сознанија за физичарите и астрономите.
– Ова се најагресивните настани што можеме да ги набљудуваме во универзумот, но кога сигналите ќе стигнат до Земјата, тие се најслабите појави што може да ги измериме… Додека овие бранови стигнат до Земјата, тие стануваат мали, рече професорот Марк Ханам, раководител на Институтот за истражување на гравитацијата на Универзитетот во Кардиф, Велс, Обединетото Кралство. – Сме виделе навестувања за ова и претходно, но ова е најекстремниот пример, нагласи научникот.
Подробностите, се вели, ќе бидат претставени денеска на првиот ден од 24-та Меѓународна конференција за општа релативност и гравитација, којашто трае до петок.
Повеќето црни дупки се создаваат кога масивните ѕвезди остануваат без нуклеарно гориво и колабираат на крајот од своето суштествување. Ова ново и неверојатно густо тело што личи на огромна дупка, наречено црна дупка го искривува факторот простор-време и со својата гравитација проголтува сѐ околу себе, па дури и светлината.
Пред да бидат изградени првите детектори за гравитациски бранови во 1990-тите, научниците можеа да ја набљудуваат Вселената само преку електромагнетно зрачење како што се видливата светлина, радиобрановите и инфрацрвеното зрачење. Опсерваториите за гравитациски бранови нудат нов поглед на универзумот, дозволувајќи им на истражувачите да видат настани што досега биле скриени од нив.
– Вообичаена работа во науката е кога ќе го погледнете универзумот на поинаков начин, да откриете работи што не сте ги очекувале и целата Ваша слика се преобразува. Детекторите што ги планираме за следните 10 до 15 години ќе можат да ги видат сите спојувања на црни дупки во универзумот, а можеби и некои изненадувања што не сме ги очекувале, рече Ханам.
Научниците откриле околу 300 спојувања на црни дупки преку гравитационите бранови што ги генерираат. Најмасовното досега познато спојување произведе црна дупка со маса околу 140 пати поголема од Сонцето. Најновото спојување произведе црна дупка до 265 пати помасивна од Сонцето.
Фото: Создадено со ВИ.