Британските фирми што ја снабдуваат Украина предупредени дека би можеле да бидат цел на Русија

 

Британските компании што обезбедуваат воени резерви за Украина се предупредени дека би можеле да станат цел на Русија, пренесе ДПА.

 

Безбедносното известување издадено од Националната управа за заштитна безбедност (НПСА), дел од МИ5, британската домашна контраразузнавачка и безбедносна агенција, им порачува на фирмите да ја намалат јавната изложеност, да го обучат персоналот да забележува непријателско извидување и да преземат мерки за минимизирање на влијанието од каков било напад.

 

Министерот за безбедност Ден Џарвис и министерката за вооружени сили Луиз Сандер-Џонс исто така ќе одржат безбедносни брифинзи зад затворени врати со извршните директори од секторот за национална инфраструктура и одбрана денеска и утре, за да дадат безбедносни совети за заштита од непријателски активности.

 

Џарвис рече дека советите доаѓаат по бројните неодамнешни обиди за саботажа низ Европа, а Министерството за одбрана соопшти дека Русија продолжува да претставува „трајна и значителна закана“ за Обединетото Кралство и неговите интереси.

 

Ова следува по неколкуте лажни закани за бомби упатени низ Европа во последните недели, вклучително и во канцелариите на радиодифузерите Sky и RTЕ, додека летовите низ континентот беа приземјени и пренасочени по заканите претходно овој месец, кои подоцна беа оценети како неверодостојни.

 

Ниту една од лажните тревоги не е активно поврзана со Русија, иако ирската министерка за одбрана Хелен Мекејнти минатата недела изјави дека тоа не може да се исклучи по тревогата за бомба на аеродромот во Даблин, додека Германија ја обвини Русија по обидот за напад со дрон на аеродромот Лајпциг/Хале во август.

 

Во предупредувањето на НПСА се наведува: „Во последните месеци Русија ги зголеми обидите за вршење саботажи против европски објекти поврзани со одбраната.“

 

„Оваа активност вообичаено се карактеризира со користење посреднички актери кои применуваат нискософистицирани методологии на саботажа, како што е подметнување пожар“, се додава во него.

 

„Оваа активност има за цел да ја поткопа поддршката за Украина и може да биде придружена со други непријателски активности, вклучувајќи заплашување поединци, шпионажа и информациски операции. Доколку вашата организација поддржува воени набавки или испорачува опрема за вооружените сили на Украина, таа би можела да биде цел. Ова ги вклучува и организациите во синџирот на снабдување“, стои во текстот.

 

Советите, објавени денеска на веб-страницата на НПСА, им порачуваат на компаниите да ги отстранат непотребните детали од јавно достапните информации.

 

Исто така, фирмите се советуваат да инсталираат видливи заштитни безбедносни мерки и да вежбаат процедури за реагирање на непријателски активности, како што се извидување или саботажа како подметнување пожар.

 

– Неодамнешните обиди за саботажа низ цела Европа ја покажуваат сериозноста на заканите со кои се соочуваме – изјави Џарвис.

 

– Навистина е срамно што актери се обидуваат да го нарушат нашиот начин на живот и начинот на живот на нашите сојузници, особено таргетирајќи ги организациите кои вршат витална работа за поддршка на Украина – продолжи тој.

 

– Нашата национална безбедност е најсилна кога бизнисите, разузнавачките агенции и владините ресори работат заедно за откривање и одвраќање на заканите – нагласи Џарвис.

 

Брифингот за одбрана со Сандер-Џонс се одржува денеска, додека Џарвис ќе се сретне со раководителите од инфраструктурниот сектор утре.

 

Министерството за одбрана соопшти дека бројот и имињата на поканетите организации нема да бидат објавени од безбедносни причини.

 

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи Ед Милибанд потврди дека заканата што Русија ја претставува за Обединетото Кралство ќе продолжи и по војната во Украина.

 

На прашањето дали Москва ќе продолжи да претставува закана за Британија дури и ако биде поразена, тој пред Комисијата за надворешни работи на Долниот дом рече: „Па, да.“

 

– Мислам дека е точно да се каже оти агресијата и заканата со кои се соочуваме од Русија ќе траат и по овој конфликт, но исто така мислам дека е исправно да се каже, и прилично сум јасен околу тоа, дека голем дел од она што Русија го прави против нас е затоа што сака да нè одврати од поддршката за Украина, а ние не смееме да бидеме одвратени – додаде тој.

 

Милибанд посочи дека Обединетото Кралство ќе продолжи да избегнува директен ангажман со Владимир Путин откако европските сојузници разговараа со рускиот претседател, и рече дека Британија верува оти неговата војна во Украина не треба „да успее во однос на територијата“.

 

На прашањето дали Европа треба да се ангажира со Москва на ваков начин откако финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, чии земји граничат со Русија, остварија телефонски разговор со рускиот лидер, Милибанд рече: „Видете, разговарав со двајцата за разговорите што ги имаа со Путин, и имам високо мислење за двајцата, а знам дека тие ја испратија таа јасна порака“.

 

– Дозволете ми да зборувам во име на Британија, бидејќи мислам дека другите европски сојузници можат да зборуваат сами за себе. Ние, од инвазијата на Украина, зазедовме поинаков став во однос на ангажманот со Русија – рече Милибанд.

Back to top button
Close