МПЦ-ОА: Зближување со Американската или Руската црква?
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски за ДВ анализира какви последици може да повлече идно заедничко сослужување, односно, меѓусебно признавање на МПЦ-ОА и на Православната црква на Америка
Светиот архијерејски синод на Православната црква во Америка донесе одлука за признавање на каноничноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и целосно евхаристиско општење со нејзините епископи, свештенство и верници. Верските аналитичари со воздржаност гледаат на одлуката, предупредувајајќи дека таа може да доведе до ново оддалечување во односите со Вселенската патријаршија.
„Мислам дека првата последица ќе биде во ново оддалечување во меѓусебните односи меѓу Македонската православна црква и Вселенската патријаршија која сигурно нема да биде задоволна со тоа што ја признаваме Црквата на која Цариград не и ја признава автокефалност“, вели за ДВ, новинарот и верски аналитичар Бранко Ѓорѓевски.
Одлуката, како што пренесува Литургија.мк, e соопштена од страна на поглаварот на Православната црква во Америка, архиепископот Вашингтонски и митрополит на сета Америка и Канада г.г. Тихон во неговиот извештај од 15 јули 2025 година, претставен пред 21-от Сеамерикански црковен собор, кој неделава се одржува во Феникс, Аризона, САД.
Таа следи по барање на српскиот патријархот Српски г.г. Порфириј, кој во официјална кореспонденција со митрополитот Тихон, иницираше Православната црква во Америка да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА.
„Одлука која нема преголема важност“
„На оваа одлука не би и припишувал некоја преголема важност. Секако дека е добро да бидеме признавани како автокефална црква од што повеќе Православни цркви. Но, треба реално да се согледа позицијата на ПЦ на Америка во православниот свет“, вели Ѓорѓевски.
Тој објаснува дека таа е признаена како автокефална од Руската (во чиј регистер на цркви единствено е наведена) и од неколку православни цркви кои се под големо руско црковно влијание. Но, не е признаена како автокефална од Вселенската патријаршија и од други православни цркви, што значи дека има неуредена позиција. „Таа има природна потреба за соработка и признавање од други православни цркви“, вели аналитичарот.
Вселенската патријаршија не ја признава како автокефална
Вселенската патријаршија одбива да ја признае како автокефална, бидејќи смета дека само таа може да и го даде Томосот за автокефалност, а не тоа еднострано да го прави Руската православна црква. „Тоа е оној познат проблем и битката која се води меѓу црковна Москва и Цариград околу тоа кој може да издава томоси за автокефални цркви“, вели нашиот соговорник.
Од таа причина, и од фактот дека и МПЦ-ОА чека на Томос од Вселенската патријаршија, треба да се согледа какви се последици може да повлече идно заедничко сослужување, односно, меѓусебно признавање на МПЦ-ОА и на Православната црква на Америка?
Вселенскиот патријарх Вартоломеј при потпишувањето на документот за независност на Украинската цркваВселенскиот патријарх Вартоломеј при потпишувањето на документот за независност на Украинската црква
„Мислам дека првата последица ќе биде во ново оддалечување во меѓусебните односи меѓу Македонската православна црква и Вселенската патријаршија која сигурно нема да биде задоволна со тоа што ја признаваме Црквата на која Цариград не и ја признава автокефалност. Слично на ситуацијата кога по нашата одлука да не ја признаваме Православната црква на Украина признаена од Вселенската патријаршија, се создаде нов услов за добивање томос, сега и ова лесно може да се претвори во нов услов со кој заокружувањето на нашата автокефалност ќе стане уште поодалечено“, вели Ѓорѓевски.
Тој додава дека не сакаме да се случи тоа, поради што треба да се чека на реакција на Вселенската патријаршија.
„Но, веќе е очигледно дека тука работите стојат во место, а после ваков потег кој оди во прилог на Руската православна црква прашање е како натаму може да се водат разговори за потребното добивање на Томос од Вселенската патријаршија. Малку се плашам и од тоа дека во нашите црковни редови се повеќе преовладува доближување од гледиштата на Москава и на Белград дека Вселенската патријаршија не може да го издава решавачкиот томос, а што е суштината на битката во Православието која предизвика голема поделба“, вели аналитичарот Бранко Ѓорѓевски.
Престројување во рускиот свет
И новинарот Марјан Николовски, во колумна за порталот „Религија“, наведува дела оваа одлука значи дека СПЦ ја внесе МПЦ- ОА директно во судирот Москва-Фанар, односно, поточно, МПЦ-ОА и официјално се престрои во рускиот црковен свет, каде што ниту СПЦ не припаѓа во ваква форма, иако тоа го поддржува.
„Ова значи дека високиот клир на МПЦ- ОА е веќе руска црковна инсталација во државата и како таков во иднина треба да се третира. Колку порано државата тоа го осознае, толку помали ќе бидат последиците“, посочува Николовски.