Зошто се важни добрите пријателства
Осаменоста може да го погоди секого, без оглед на возраста или на полот. Според студијата на здравственото осигурување – Техникер кранкенкасе, околу 60 отсто од луѓето во Германија често или понекогаш се чувствуваат осамено. Кога осаменоста станува товар, таа претставува значителен ризик за менталното здравје. Луѓето кои често се чувствуваат осамено имаат поголема веројатност да се борат со ментални болести како што е депресијата. Но, тоа не е сè.
Осаменоста го разболува телото
Осаменоста се перцепира како фактор на социјален стрес – сличен на стравот или заканата. Ова ,меѓу другото, може да има еволутивни причини вели Стефан Фрице, виш лекар во Централниот институт за ментално здравје во Манхајм.
„Во праисториските времиња, било речиси невозможно да се преживее без близок контакт. Затоа, краткорочната осаменост се чини дека е предупредувачки сигнал за телото нешто да промени“, вели тој.
Луѓето кои се хронично осамени се посклони кон стрес и затоа имаат поголема веројатност да развијат висок крвен притисок и висок холестерол. Ова се фактори кои можат драстично да го зголемат ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Овие луѓе се особено погодени од осаменоста
Податоците од Барометарот на осаменост од 2024 година покажаа дека луѓето над 75 години имаат поголема веројатност да бидат осамени од луѓето на возраст меѓу 18 и 75 години. Една од причините за ова може да биде изолацијата за време на пандемијата на коронавирусот. Покрај тоа, здравствените ограничувања во староста, губењето на партнер или пријател, би можеле да придонесат постарите луѓе почесто да се чувствуваат осамено.
Луѓето чии болести сериозно го ограничуваат секојдневниот живот и го отежнуваат учеството во општеството се, исто така, изложени на ризик. Ризикот од осаменост е слично висок кај луѓето кои доживуваат структурно занемарување поради нивниот идентитет или потекло, вели Фрице. Ова не останува без последици.
„Осаменоста е еден од многуте можни фактори што можат да придонесат за депресија. Сегашните студии, исто така, покажуваат дека осаменоста може да придонесе за полош тек на болеста кај луѓето со депресија“, вели Фрице.
Блиските пријателства штитат од осаменост
Според Барометарот на осаменост, социјалните односи се првенствено оние што можат да нè заштитат од осаменост. Во ова, како што е наведено, не е важен бројот, туку длабочината на врските. „Во својата суштина, осаменоста се темели на недостаток на значајни социјални односи“, вели Стефан Фрице. „Автентичните пријателства засновани на доверба, сигурност и заеднички интерес можат да го компензираат тој недостаток и да дејствуваат како емоционална безбедносна мрежа. Воспоставувањето и одржувањето на емоционални врски преку блиски пријателства бара време поминато заедно“, вели Фриц.
Вистинската блискост затоа првенствено се создава преку споделени искуства, а пријателите најверојатно ќе ги доживеат кога живеат на исто место, вели Фрице.
Што ги прави добри пријателствата?
Не е залудно што велат дека пријателите се нашето избрано семејство: Генерално бараме пријатели кои, идеално, го исполнуваат токму она што е важно во семејствата: блискост, сигурност и поддршка.
Според анкетата на СИНУС Институтот за пазарни и социјални истражувања, повеќе од 60 отсто од испитаниците ја сметаат лојалноста за најважна, што значи дека двајцата луѓе се тука еден за друг кога се меѓусебно потребни. Искреноста и отворената комуникација следат веднаш по тоа. Стефан Фрице, исто така, го потврдува ова.
„Висококвалитетните пријателства се карактеризираат со просоцијално однесување. Работи како што се пофалба на успесите, меѓусебна поддршка низ тешки времиња, доверливост, емоционална блискост и лојалност“, вели Фрице.
Каде наоѓаме пријатели?
Луѓето што се среќаваат често стануваат пријатели побрзо. Во психологијата, ова се нарекува „пристрасност на близината“: колку почесто среќаваме некого, толку повеќе ни се допаѓа. Затоа пријателствата често се развиваат на работа, за време на обука, на универзитет или на училиште – места или фази од животот каде што постојано се среќаваме со истите луѓе во одреден временски период. Ова го покажуваат статистичките податоци на Сојузната агенција за политичко образование.
Млади пријатели разговараат додека одат по пешачка патека. Едниот има кошаркарска топка во рацете а другиот смартфон во едната рака и слушалки околу вратотМлади пријатели разговараат додека одат по пешачка патека. Едниот има кошаркарска топка во рацете а другиот смартфон во едната рака и слушалки околу вратот
А тоа, пак, може да го намали нашиот ризик од осаменост, вели Стефан Фрице. „Луѓето кои имаат работа се чини дека имаат намален ризик од осаменост. Како и луѓето кои учествуваат во религиозни или духовни организации“, вели тој.
Пријателство на рецепт
Останувањето социјално активни може да биде особено тешко за луѓето кои се изложени на ризик од осаменост. Овие луѓе се потпираат на политички мерки, на пример, за да се вратат во главните текови на општеството.
Еден можен пристап е социјален рецепт. Ова ги вклучува лекарите кои препишуваат социјални активности. Ова може да вклучува посета на советодавен центар или група за поддршка, на пример. Она што долго време беше вообичаена практика во британските ординации за семејна медицина сега се тестира и во Германија: пилот-проектот „Социјален рецепт на ЕУ“ (Social Prescribing EU) се спроведува од јануари 2025 година.
Авторка на текстот: Сабет Калкоф, АРД (dw)