Виткоф во Москва – Путин го игнорира „ултиматумот“ на Трамп?

Американскиот претставник Стив Виткоф пристигна во Москва, но тешко дека тоа ќе промени нешто. Кремљ изгледа е решен да ја продолжи војната во Украина со полна пареа, додека Трамп е исмејуван.

Evelyn Hockstein/Maxim Shemetov/AFP

Стив Виткоф, доверлив човек на Трамп, пристигна на разговори во Москва. Малку е веројатно дека ќе се сретне со претседателот Владимир Путин.

„Ултиматумот“ на Доналд Трамп до Москва истекува на крајот од неделава – или прекин на огнот во Украина, или нова рунда санкции, вклучувајќи американски царини од сто проценти за сите земји што купуваат руска нафта.

Но, досега, тоа не остави впечаток кај Москва, велат информирани извори, како што објавува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на свои извори во Кремљ.Според нив, Путин ќе го игнорира ултиматумот на Трамп и прво целосно ќе окупира четири области на бојното поле – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Се чини дека рускиот претседател е убеден дека може да ја добие војната, а територијалните добивки дополнително го зајакнуваат во тоа верување.

Заканите на Трамп се сметаат за болни и непријатни, но не и фатални. Не е случајно што во вторникот Путин се сретна со претседателот на државниот развоен концерн ВЕБ.РФ, Игор Шувалов.

Според руските медиуми, тие разговарале за замена на увозот и постигнување технолошка самоодржливост.

Консултации со Индија за понатамошни чекори

Планот на Русија е да биде имуна на санкции и во добри односи со трговски партнери како Индија.

„Слушаме многу изјави кои во основа се закани и обиди да се принудат земјите да ги прекинат трговските односи со Русија. Не сметаме дека таквите изјави се легитимни“, им изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков на новинарите.

Со Индија веќе се преговара околу заканувачките царински давачки и можните контрамерки. А со САД? Песков беше прашан дали тврдењето на Трамп дека Москва побарала средба со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, е вистина.

Песков одговара со дипломатска претпазливост: „Секогаш сме среќни што го гледаме г-дин Виткоф во Москва. Сметаме дека контактите со него се важни и многу корисни.“

Тој додаде дека дијалогот ќе продолжи. Напорите на САД за посредување, вели Песков, се многу важни – и во контекст на тековните директни преговори меѓу Русија и Украина.

 

Руските државни медиуми реагираат со потсмев

Во руските државни медиуми, ултиматумот на Трамп најчесто наидува на потсмев. Се тврди дека американскиот претседател се заплеткал во сопствените тактики.

Поддржувачите на режимот споделуваат мемиња и шеги на интернет. Додека ултиматумот од 50 дена до почетокот на септември сè уште беше на сила, се ширеа вирално и видео клипови, меѓу нив и оној во кој Трамп наводно пее руски рефрен со американски акцент.

Во песната се вели: „Што ќе направи господинот претседател кога неговиот ултиматум ќе истече без последици? Ќе ја свртам страницата на календарот и повторно ќе биде трети септември. Ја гледам твојата слика и повторно е трети септември.“

Русија не го сфаќа американскиот претседател Трамп толку сериозно колку што тој би сакал.

 

Автор: Штефани Маркетрт, АРД

Back to top button
Close