Мицкоски: Усниот дел од правосудниот испит да се полага на македонски, а писмениот на јазикот на кој се студира

Писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој студентите го завршиле високото образование, додека усниот дел треба да биде на македонски јазик, како официјален јазик во правосудниот систем во Македонија. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за барањата на студентите правосудниот испит целосно да го полагаат на албански јазик.
Според вчерашните информации во дел од медиумите, студентите реагираат и не прифаќаат решение според кое 84 отсто од испитот би го полагале на албански јазик, туку бараат целосно остварување на барањето.
Премиерот вели дека не знае како се пресметани тие проценти, оти ставот на Владата е јасен.
„Провосудниот систем во Македонија е едно, а правото да се завршува високото образование на мајчин јазик е друго. Никој не го спори правото да се заврши високото образование на јазикот на кој што државата го овозможила тоа. Во Македонија, високо образование на правните факултети се оформува на три јазици различни од македонскиот“,
рече тој на настанот за промоција на набавката на 100 нови амбулантни возила.
За нив, како Влада, посочи оти е логично, писмениот дел да се полага на јазикот на кој е формирано образованието, додека усниот дел, каде што се симулираат еден граѓански и еден кривичен спор, бидејќи тоа претставува симулација пред правосудниот систем, да биде на македонски јазик.
„Во правосудниот систем имаме принцип на франка лингва, односно употреба на еден заеднички јазик, а во Македонија тој јазик е македонскиот“,кажа премиерот.
Се повика и на препораката на Венецијанската комисија во врска со, како што кажа, тогашниот Закон за употреба на јазиците, посочувајќи дека треба да се почитуваат мислењата на меѓународните институции.
„Така што, правосудниот систем во Македонија останува франка лингва, односно македонскиот јазик е официјалниот“,додаде Мицкоски.
Министерот за правда Јетон Шасивари, вчера коментирајќи ги предложените измени поврзани со употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит, рече дека законските решенија нема да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин.
Според него, целта на средбата меѓу претставници од Министерството за правда, правните факултети и студентите е преку консултативен дијалог да се разгледаат предложените измени, да се слушнат ставовите на академската заедница и студентите и да се земат предвид нивните забелешки и предлози пред да се донесе конечното решение.
„Нашата цел е да дојдеме до современо, правно издржано и европски ориентирано решение, кое ќе ги земе предвид потребите на сите студенти што го стекнуваат своето високо правно образование на различни јазици“,
вели тој.
Измените, како што додаде, немаат за цел создавање паралени системи за полагање на правосудниот систем, туку воспоставување единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди меѓусебно се надополнувааат.
Најави дека ќе побара мислење од Венецијанската комисија за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Целта, како што додава, е да се обезбеди дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди.
По средбата на министерот за правда со претставници на правните факултети и студентите, на која се отвори прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, вчера со реакција излегоа од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ).
Оттаму сметаат дека на студентите не им се потребни компромиси што им ги загрозуваат правата.
„Предлогот на министерот за правда е скандалозен. Наместо да бара доследна примена на законот и почитување на Уставот, тој им вели на студентите: ‘Ајде да се договориме да го прекршиме Законот за употреба на јазиците, да го прекршиме Уставот и испитот да се полага делумно на албански, а делумно на македонски јазик’. Овој став е во директна спротивност со она што самиот министер го изјави пред само неколку месеци. Сепак, штом стапи на функција, тој го извади предлогот на Каракамишева од фиока и сега го брани со фанатизам – токму пред студентите чии права вчера ги признаваше, а сега се обидува да им ги ускрати“,се вели во соопштението од ДУИ.






