Од 66 партии, ни една за Македонија

Веројатно најупотребувани зборови на политичката сцена во изминатите три и пол децении се: Македонија, правда, право, демократија и иднина. Но ништо од тоа не излезе како што треба. Правдата и правото се по мерка на моќните, демократијата стана алатка за владеење а не за управување, а иднината како сосема да исчезна од хоризонтот.

Деновиве медиумите објавија податок дека во државата има регистрирано 66 политички партии, што наведува на размислување – како е можно ниту една од нив да не може да се обедини околу овие вредности. Барем една да биде за Македонија.

Гледајќи ги сцените од Демир Хисар не е тешко да се заклучи дека земјата ниту за милиметар не е поместена напред ни во департизацијата ни во олабавување на партиската контрола во клучните сектори како што се образованието, здравството, културата или пак научните дејности. Цврстата или повеќе позната како долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ овие денови приреди вистински циркус само да постави свој кадар на чело на едно средно училиште во град со 2.431 жител а целата општина 7.260 жители. Дури и премиерот на чии плеќи лежи цела држава со се сите горливи проблеми од инфлација до блокирана евроинтеграција, без нималку дистанца или задршка отворени вели: „Овој случај лично го следев од многу блиску“. Навистина ли? Премиерот кој е на врвот на пирамидата на власта избрал лично да надгледува операција за смена на директор во училиште.

Директорката веројатно сама ќе си замине затоа што после такво тормозење нема човек што ќе сака да продолжи да работи спротивно на волјата на моќниците во политиката. Или подобро речено на партијата. А нам ни останува да размислуваме дали ќе треба да чекаме да помине уште еден политички турнус во нашите животи за да видиме аир од партиите што ја држат власта. И да се плашиме дека ако Демир Хисар е увертира во локалните избори, тогаш наместо нова и подобра општинска управа нѝ претстои уште една рунда гола борба за власт.

 

Миграција како одговор

Во меѓувреме статистиките за иднината на државата воопшто не се поволни. Невладината организација Хера објави студија за социо-политичко учество на младите во Македонија со податок дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите го прават тоа. Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 проценти од младите не припаѓаат на ниту една организација или друга форма на организирање.

Од друга страна, како дополнение на овие неповолни трендови дојдоа и бројките од Светската банка кои кажуваат дека во изминатите десет години, над 2,5 милиони луѓе го напуштиле Западен Балкан во потрага по подобар живот. Евростат, пак, предупредува дека до 2050 година населението на Западен Балкан може да се намали за повеќе од 15 отсто, тренд што сериозно ќе ја загрози долгорочната економска перспектива на земјите вклучително и Северна Македонија.

Миграцијата бездруго е присутна и во развиените земји но додека таму младите си одат поради желба за авантуризам и нови искуства, а пензионерите мигрираат во краишта со подобра клима, во нашата земја бегството е поради отсуството на перспектива. Нема ништо по поразително од тоа да живееш во држава со заостанато и небезбедно здравство, со политички обоено судство и со отсуство на свест и одговорност при трошењето на јавните средства. Тие лимузини, возачи, секретарки, министерства за задоволување на партиски апетити наместо за унапредување на државата, прекуброен парламент и прекубројна администрација укажуваат токму на тоа дека државните ресурси служат за одржување на власта а не за одржување на државата.

 

Партиско ропство

Претседателот на Владата и лидер на владејачката партија Христијан Мицкоски и во вторникот (12.08.) ја повтори старата мантра дека „секој што ќе се огреши пред законот и нема да работи совесно ќе има одговорност, без разлика од која политичка партија доаѓа“. Но, има ли некој што сѐ уште верува во тоа после кочанската трагедија и нула политичка одговорност, после дебаклот со младинската олимпијада, дивоградбите во Чаир, партизацијата на М-НАВ и најавите дека министри од Владата ќе бидат кандидати за градоначалници на локалните избори во исто време додека ја извршуваат министерската функција.

Тоа е, партиите што доаѓаат на власт во нашата мала убава земја, не ја водат државата напред туку ја земаат во своите раце, ја стискаат, ја користат за свои партиски и политички потреби, ја обликуваат по своја желба како да е пластелин, а потоа ја оставаат исцрпена и безнадежна на некоја друга власт која повторно почнува од почеток без да дојде до ниво на развој кое ќе им овозможи на граѓаните да уживаат во својата земја.

Можеби некому таквите очекувања му изгледаат наивно, но зошто пак и македонските граѓани да не одбројуваат до членство во ЕУ како што одбројуваат нивните соседи во Албанија и Црна Гора. Или зошто да не живеат во спокојство дека државата ја водат способни и чесни луѓе кои се тука за општото а не за личното добро?

Се чини дека во Македонија веќе никој ништо не очекува. На изборите се гласа по автоматизам и како реакција на притисок, а не со вистински избор и со квалификувана одлука за тоа чија партиска понуда е подобра. Човек да не може да поверува дека оваа мала држава изнедри дури 66 политички партии. А ниту една не покажа дека ја сака вистински и дека се бори да ја претвори во убаво место за живеење. (Dw)

Соња Крамарска

Back to top button
Close