Секојдневен риболов на Мавровското Езеро до крајот на октомври, на Радика само за викенди и празници

– Управата на НП „Маврово“ од денеска го прошири терминот за спортски риболов на Мавровското Езеро. Риболовците можат да фаќаат риба секој ден до крајот на октомври. По долината на Радика и притоките, рибарењето ќе биде дозволено само за викенд и за празници.

Од информативниот центар на најголемиот национален парк во земјава потсетуваат на правилата кои се однесуваат на рибарењето во езерото, особено кога е природниот мрест на поедини видови риби.

– Покрај ограничувањата на дозволениот дневен улов, риболовците треба да ги почитуваат и пропозициите за опремата. Дозволени риболовни средства се: до две риболовни трски со три јадици или три риболовни трски со по една јадица. Максималниот дневен улов на пастрмка над 35 сантимитри е две парчиња, наведуваат од НП „Маврово“.

По Радика и околните водотеци, рекреативен и спортски риболов може да се спроведува до 30 септември. Дозволениот дневен улов е три примероци со големина над 30 сантиметри, а од риболовни средства: машинка со исклучиво вештачки мамци, блинкер, мушички (до три мушички на сет). Дозволени денови за риболов на река Радика и притоки се петок, сабота, недела и државни празници.

За да се лови риба на територијата на паркот потребна е валидна дозвола, која може да се добие и по електронски пат преку веб страницата. https://npmavrovo.mk/buy/130.

Дневна дозвола за спортски риболов изнесува 200 денари, седумдневна 1000, а годишна риболовна дозвола 4000 денари.

Back to top button
Close