Левица: Директори поставени од ДПМНЕ делат тендери на фирми поврзани со ДУИ

Додека власта предводена од Мицкоски пропагира празни флоскули дека го расчистиле криминалот на ДУИ, реалноста е дека токму директорите поставени од ДПМНЕ продолжуваат да делат тендери на фирмите поврзани со ДУИ. Додека се води судска постапка против фирмата на синот на пратеникот од ДУИ – Асмир Јахоски, директорот на ЕСМ Лазо Узунчев пред само две недели доделил тендер од 2 милиони евра на Пуцко Петрол” за набавка на нафтени деривати за РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, велат од Левица.

Токму газдата на компанијата Пуцко Петрол” е осомничен заедно со Ратко Капушевски за криминал при набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Дел од осомничените кои се јавуваат во овој предмет се и поранешни вработени во АД ЕСМ, која сега повторно доделува тендер на компанијата блиска до ДУИ. Осомничените лица од ЕСМ се наоѓале на високи позиции, како генерален директор и директори на сектори, и истите се товарат дека спроведувале постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ.

Потписници на овој скандалозен тендер се актуелниот директор на ЕСМ Лазо Узунчев, директорот на Секторот за комерцијални работи Виктор Јовановски и директорот на Секторот за финансиски работи Иван Стојановски. Додека ДПМНЕ постојано на прес-конференции обвинуваше дека обвинителството ја штити компанијата Пуцко Петрол” и криминалите на ДУИ, нивните поставени директори делат тендери на овие фирми кои моментално се под истрага!

Дали ДПМНЕ ќе побара одговорност од нивните директори во АД ЕСМ и ќе испита дали доделениот тендер на Пуцко Петрол” е согласно законските критериуми?! Ова не е прв скандалозен тендер доделен од АД ЕСМ на компанија против која тековно се води кривична постапка. Левица претходно алармираше и за доделен тендер на фирмата Руд Коп”, која е под истрага за криминал во РЕК Битола вреден 3 милиони евра. Дали и овој пат АД ЕСМ ќе демантира дека нема ништо спорно во доделениот тендер на Пуцко Петрол”, како што тврдеше и за зделката со Руд Коп” – нагласуваат од Левица.

Back to top button
Close