(ВИДЕО) Свирежи и и извици „Уааа“ го пречекаа Вучиќ пред партиските простории на СНС
Просториите на Српската напредна странка (СНС) во Белград синоќа беа во центарот на драматични настани, откако демонстранти упаднаа и делумно го разурнаа објектот, а полицијата мораше со солзавец да ја воспоставува контролата. Неколку часа подоцна, на местото пристигна и претседателот Александар Вучиќ, чиј влез беше проследен со спротивставени реакции – од скандирање „Ацо, Србине“ од неговите приврзаници, до свирежи и повици „уа“ од околните станбени згради.
Протестите започнаа во попладневните часови кога поголема група граѓани влезе во партиските простории и предизвика материјална штета. Жандармеријата интервенираше за кратко време, потиснувајќи ги демонстрантите со употреба на солзавец, но напнатоста во квартот не се намали.
Додека Вучиќ со обезбедувањето се движеше кон влезот на партискиот објект, камерите на националните телевизии го прикажуваа само кругот на неговите симпатизери, но на социјалните мрежи почнаа да се појавуваат видеа кои ја покажуваат реакцијата на жителите од околните згради – свирежи, негодување и повици „уа“.
На една од снимките јасно се гледа како припадници на специјалната единица „Кобри“ внимателно ги следат прозорците на соседните згради, свесни за непријателската атмосфера. Според очевидци, обезбедувањето дури му препорачало на Вучиќ да се повлече во внатрешноста на зградата. Неколку минути подоцна, колоната автомобили придружувана од силно полициско обезбедување ја напушти улицата, додека од тротоарите и прозорците и натаму одекнуваа свирежи и повици против претседателот.







