Здружението на оштетени штедачи со реакција до Трифун Костовски: Господинот Костовски не е жртва на системот, туку дел од проблемот

Во врска со последната јавно објавена колумна на Трифун Костовски, поранешен сопственик и долгогодишен претседател на надзорниот одбор на Еуростандард банка, со наслов „Прогласен за виновен и невин обесен”, Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка чувствува морална и граѓанска обврска да реагира јавно.

Колумната претставува уште еден во низата обиди на годподинот Костовски за дефокусирање на јавноста, за замаглување на вистината и за избегнување на лична и управувачка одговорност за колапсот на Еуростандард банка – банка која под негово раководство пропадна и остави зад себе финансиски и човечки пустош.

Јасно и одговорно укажуваме:

  • Господинот Костовски не е жртва на системот, туку дел од проблемот. Тој беше сопственик и претседател на Надзорниот одбор на банка чие работење со години било ризично, нетранспарентно и со елементи на незаконско работење.
  • Обвинувањата дека сите штедачи се обештетени се невистинити. Стотици правни и физички лица, сеуште останаа необештетени. Многу од нив беа доведени до деловен и личен колапс. Изјавата дека „сите штедачи се обештетени” е лага, понижувачка и срамна за некој што бил во највисоките ракодовни структури на банката.
  • Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка е официјално регистрирано и со години активно делува во борбата за правда, транспарентност и одговорност. Ние не сме „анонимни поединци”, туку оштетени граѓани кои бараат решавање на реален проблем, за кој сè уште нема институционален епилог.

Повикуваме:

Господинот Костовски конечно да престане со изнесување лажни тврдења, со манипулации преку медиумски настапи и со омаловажување на жртвите на банкарскиот криминал.
Ако има докази дека стечајот на банката бил наметнат или политички мотивиран – нека ги изнесе јавно. Ако не – нека понесе морална и правна одговорност како прв човек на институцијата која доведе до штети врз илјадници граѓани.

Оштетените штедачи не се против државата – ние сме нејзини граѓани. Ние не водиме кампања против поединец – ние се бориме за владеење на правото, за функционален финансиски систем, и за правда што 5 години е заложник на тишината.

Back to top button
Close