CNN: Кремљ ја отфрли можноста за средба Путин–Зеленски
И покрај сигналите од Вашингтон за можен директен состанок меѓу Владимир Путин и Володимир Зеленски, Кремљ засега го отфрла тоа сценарио. Според CNN, рускиот претседател не е подготвен – а можеби никогаш и нема да биде – да седне на иста маса со својот украински колега.
По најавите од Белата куќа за идеја за билатерален состанок, Кремљ веднаш ги спушти очекувањата. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, изјави дека било разговарано за можност за „подигнување на нивото“ на руската и украинската делегација, но не и за средба на самите лидери.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, додаде дека Москва „не одбива ниту еден формат на работа“, но предупреди дека состаноци на највисоко ниво мора да се подготват „со исклучителна внимателност“.
За Путин, Украина не е независна држава, туку дел од „руската историја и култура“. Затоа, за аналитичарите, средбата со Зеленски би претставувала признание на неговата легитимност – нешто што Кремљ систематски го негира.
„Тоа би било пораз за Путин, затоа што би морал да седне со претседател кој, според неговата реторика, е само ‘шегобиец’ од земја што тој не ја признава“, вели Ориша Луцевич од тинк-тенкот Chatham House.
Аналитичарката Татјана Становаја од Carnegie Russia Eurasia Center вели дека Путин гледа кон Доналд Трамп како главен посредник. Според неа, Москва очекува САД да го притиснат Киев да попушти во однос на териториите.
Зеленски досега ги отфрли таквите сценарија. Сепак, Русија би можела да предложи нови преговори во Истанбул, но со делегации на повисоко ниво, наместо со самите претседатели.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „иницирал подготовки“ за средба Путин–Зеленски, но потоа призна дека конечната одлука е кај самите лидери.
Во меѓувреме, Москва нема причина за брзање: Путин веќе доби самит со Трамп на Алјаска, американската страна се повлече од условот за примирје пред преговори, а санкциите стивнаа. На терен, Русија ја интензивира офанзивата – само во понеделник лансирајќи 270 дронови и 10 ракети кон украински градови.
Како што заклучува CNN, единствената непозната сега е – кого Трамп ќе обвини ако иницијативата пропадне.