Судот во Мајами издаде налог за апсење на 95-годишниот Раул Кастро за убиство и соборување авиони во 1996 година

Судијката Аријана Фахардо Оршан од судот во Мајами потпиша налог за апсење на поранешниот кубански лидер Раул Кастро (95) поради неговата наводна вмешаност и заговор за извршување убиство од прв степен при соборувањето на два цивилни авиона во 1996 година, објави американската телевизиска мрежа Ен-би-си њуз (NBC News).

При соборувањето на двата авиона на организацијата „Браќа во помош“ (Brothers to the Rescue), која дејствувала од Мајами и им помагала на кубанските бегалци, загинаа четири лица. Раул Кастро во времето на инцидентот ја вршеше функцијата министер за одбрана на Куба.

Иако во мај годинава веќе беа поднесени федерални обвиненија против него во врска со истиот случај, новиот налог претставува одделна постапка пред правосудните органи на сојузната држава Флорида.

Главниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмајер, најави прес-конференција на која треба да бидат презентирани дополнителни детали од оваа истрага.

Back to top button
Close