ПРАВДА – сите порти ѝ се затворени 

Дали и кога, овој стечај ќе се заврши, никој не знае. Очигледно е дека екипата, која го води стечајот, се чувствува толку сигурно и безбедно што посакува сиот свој работен век да го помине хранејќи се од „шведска маса„ финансирана лично од моите средства.

Почитувани читатели, после жешките летни одмори повторно сум меѓу вас. Ме успокојува вашето разбирање и препознавање на нанесената неправда, па затоа продолжувам со моите колумни посветени на ладнокрвното убиството на Еуростандард банка.

Веќе шест година од стечајот на Еуростандард банка, а многу нешта сѐ уште не се јасни. Затоа, повеќе од јасно е дека носењето на Еуростандард банка во стечај била нечија лична желба. Многу тешко ми е да ги разберам причините, бидејќи сиот свој живот се однесував чесно, хумано, со желба да создавам пријатели, а не непријатели.

Сите клиенти на Еуростандард банка, правни и физики лица се скоро обештетени. Пишувам „скоро обештетени” од причина што до ден денеска, стечајот кој се води со Еуростандард банка е далеку од очите на јавноста и не можеме со сигурност да тврдиме или да знаеме колку средства моментално има во стечајната маса и како понатака истите ќе се распоредуваат.

Повторувам, стечајот се води веќе шеста година. Екипата која го води овој стечај има потрошено помеѓу 6 до 7 милиони евра! Тоа се средства кои ги користат за себе од приливите во стечајната маса.

Важам за хуман човек. Помагам секаде каде што можам, но стечајниот управник со својата екипа, никогаш нема да можам да ги почувствувам како луѓе на коишто треба да им помогнам. По сила на многу незаконски одлуки истите живеат од моите средства. Господ нека им е на помош.

Ќе ме разберете, од каде толку горчина во мене.

Кучкар сум, се грижам за кучиња и со голема љубов дури и крлежите им ги чистам. Ама крлежи во човечки облик, кои ја водат стечајната постапка, не можам да поднесам.

Отворено прашувам, каде исчезна правдата во нашата татковина, кој ја уби? Аргументирано докажувам веќе шеста година дека стечајот беше направен со умисла, да се ликвидира банката и да бидеме оштетени како семејство!

Достоинствено тропам по сите институционални порти низ Македонија, за коишто сметам дека можат и имаат сила да помогнат. За жал, истите порти за мене се затворени.

Токму за мене, за човек кој важи како најголем донатор и хуманист од сите области на нашето живеење во саканата Македонија.

Народе разбуди се!

Разликувај чесност од нечесност!

Се обидував да воспоставам директен контакт, да отидам на разговор кај Премиерот Мицкоски, кај Гувернерот Славески, кај Јавниот обвинител Коцевски, но никој не ми одговори, ниту ми отворија порти, како одговорни домаќини на оваа држава. Единствено бев примен од Претседателката Силјановска која срдечно ме пречека, меѓутоа покажа неспремност конкретно да помогне во решавање на реалните проблеми на своите сограѓани.

Таа и денеска смета дека нема ингеренции да се меша во работи поврзани со криминалот и корупцијата. Сметам спротивно, дека токму таа треба постојано да укажува на аномалиите во нашето општество, а преку својата висока функција остро да делува кон институциите кои што треба да го решат овој проблем.

Со години сме пријатели со госпоѓа Силјановска и многу ја почитував. Се разочарав во неа бидејќи сфатив дека не ја разбира нејзината функционална потреба за општеството. Уште еден доказ дека живееме во виртуелна реалност со луѓе на функции кои што ни од далеку не можат да одговорат на очекувањата и потребите на граѓаните.

Се прашувам себе си, а ве прашувам и вас мои сограѓани: како успеавме да создадеме и живееме во држава каде криминалот и корупцијата оро водат? Заробена држава сме со блокирани институции. Иронија е што токму таму, каде ја бараме правдата, е јазолот на неправдата, контролиран од криминалци кои ја водат државата.

Трифун Костовски

Back to top button
Close