Трката за шеф на Скопје: Биографии мали, амбиции големи
Помина времето кога големите партии за најпрестижните функции пуштаа во трка познати личности докажани прво во своите професии, а потоа и во политиката. Орце Ѓорѓиевски, фаворитот за градоначалник на Скопје има шест и пол реда биографија од кои два се информацијата за неговиот претходен избор за градоначалник на скопската општина Кисела Вода. Во неговата повеќе од скромна биографија е запишано дека е роден на 05.08.1987 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, оддел за политички студии. Има магистратура за менаџмент на човечки ресурски, и активно зборува англиски јазик. Од 2017-2021 година бил советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Кисела Вода, а на 17 октомври 2021 е избран за градоначалник на Кисела Вода. Во биографијата е потенцирано дека е избран уште во првиот круг.
За она што би се сметало за вистинска биографија која гласачите треба да ја имаат предвид при носење на одлука кому да го дадат својот глас, Ѓорѓиевски навел само една кратка реченица дека „досега има работено во приватниот сектор“ без да наведе детали што и каде работел. Ако аплицираше за вработување, а не за политичка функција веројатно идниот работодавец би инсистирал кандидатот да наведе прецизна листа каде работел во приватниот сектор, што постигнал во работата и би побарал референци од бившиот работодавец за тоа каков работник е Ѓорѓиевски.
Но, бидејќи функцијата градоначалник на Скопје, „не е толку важна“ како работењето во приватен сектор, граѓаните кои во октомври ќе решаваат за кого да гласаат, ќе мора да се задоволат со податокот дека фаворитот за градоначалник работел нешто и во приватен сектор, ама не се знае што точно, и ќе мора да се задоволат со партиската реклама која ќе го вивне во небеса. Слично како што ја вивна сегашната градоначалничка Данела Арсовска, а потоа се случија обратни процеси.
Партискиот камшик коректор
Кандидатката, пак, на СДСМ, Каја Шукова беше министерка за животна средина во владата на Димитар Ковачевски. Нејзината биографија е малку подолга и е 16 реда, во кои е наведено дека е родена во Скопје на 1 јануари 1970 година. Дипломирала на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје во 1995 година. Од 2020 година е државен секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање, каде претходно била на повеќе функции почнувајќи од 1999 година. Претходно, во 1998 година со договор на дело работела во Министерството за градежништво, урбанизам и животна средина, каде дошла од Пивара – Скопје. Активно го познава англискиот јазик, а пасивно германскиот. Има клучни квалификации во управување и планирање на животната средина, а учествувала и во подготовка на законски акти во областа на животна средина и нивна хармонизација со ЕУ, како и во процесот на скрининг и преговори со ЕУ.
Шукова, речиси целиот работен век го поминала во служба на животната средина и граѓаните со право прашуваат што може таа ново да направи на планот на екологијата во Скопје која плаче за средување, а што не успеала да го направи во изминатите 27 години при извршувањето на разни функции во таа област.
Прашањата што се наметнуваат после овие штури биографии е дали партискиот камшик е доволна гаранција дека кандидатот што ќе победи ќе биде успешен на градоначалничката функција и дека ќе го надомести дефицитот на личен капацитет.
Скопје сложена равенка
Со доза на изненадување јавноста ја прими и веста дека деканот на Градежниот факултет професор д-р Горан Марковски во битката за тронот на Скопје ќе ги брани боите на независните. Професорот Горан Марковски, како што е наведено во неговата биографија на факултетот e член на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции. Дипломирал на Градежен факултет-Скопје при УКИМ во 1986 година, магистрирал во 1994 година, а докторирал во 2003 година на Градежен факултет-Скопје при УКИМ. Тој држи настава по повеќе предмети од областа на конструкциите и градежништвото.
Можеби постојат, но во биографијата на овој кандидат не се наведени референци за негови научни трудови со импакт во странски списанија, меѓутоа може да се каже дека професорот има зад себе лична кариера во која успеал да се издигне без партиски патронат. Иако од друга страна, управување со град-метропола и помирување на политичките струи од сите страни е сложена математичка равенка, во која многу досегашни градоначалници (се) изгубија.
Развиените земји го имаат таканаречениот track record кој е круцијален за стекнување доверба меѓу избирачите. Не дека и таму не се провлекуваат личности со многу пари и недоволен капацитет, меѓутоа минатиот труд на кандидатот е основата на која се гради кампањата за неговиот избор. А не три реновирани градинки и пет асфалтни улици во маалото.
Македонија досега се покажа како држава на инстант политичари и инстант кандидати, таканаречени политички метеори кои одеднаш светнуваат, прелетуваат со брзина на молња и потоа паѓаат.
Читајќи ги овие редови читателот ќе помисли на украинскиот претседател Зеленски кој пред да достигне светска слава, поради војната, се бавел со актерство во комични продукции. Може да се најдат секакви примери, меѓутоа секое општество се стреми да го водат најдобрите и најспособните кои веќе докажале низ претходна работа дека можат да се носат со предизвиците кои ги носи служењето на јавниот интерес. (dw)