Како Трамп заработува на својата позиција
Претседателот на САД, Доналд Трамп, има бројни инвестиции откако ја презеде функцијата. Критичарите го обвинуваат дека ја користи својата позиција за да го зголеми своето лично богатство – и тоа доста дрско.

Од повторниот избор за претседател на САД, Доналд Трамп повеќепати се соочи со обвинувања дека профитира од својата функција. Навистина, Трамп и неговото семејство неодамна склучија бројни зделки – од недвижности и криптовалути до обврзници и акции. Дали постои шема што укажува на лично богатење?
Во САД, Законот за етика во владата од 1978 година, донесен како одговор на скандалот „Вотергејт“, бара од претседателот, потпретседателот и други високи функционери годишно да ги објавуваат своите финансиски средства. Овие извештаи се поднесуваат до Канцеларијата за владина етика (ОГЕ) и јавно се достапни.
Купил обврзници вредни повеќе од 100 милиони долари
Според неодамнешни документи на ОГЕ, Трамп од 21 јануари 2025 година извршил повеќе од 600 финансиски трансакции, инвестирајќи над 100 милиони долари во корпоративни и државни обврзници. Тој купил корпоративни обврзници од Citigroup, Morgan Stanley, Meta, T-Mobile US, The Home Depot и UnitedHealth, меѓу другите.
Инвестициите на републиканскиот политичар ги опфаќаат секторите што би можеле да имаат корист од политичките одлуки на неговата администрација, како на пример финансиската дерегулација. Критичарите го гледаат ова како потенцијален судир на интереси.
Трамп, инвеститор во акции
Кога станува збор за акциите, моментално нема јавни објави за купувања или продажби од почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари 2025 година. Според последната објава кон крајот на 2024 година, Трамп имал значителни удели во Microsoft, Blackstone и во сопствената компанија Trump Media & Technology Group.
Исто така поседувал акции во технолошки и водечки компании како Amazon, Alphabet, Meta, Tesla, Berkshire Hathaway, PepsiCo, JPMorgan Chase, Coca-Cola и Pfizer.
Трамп склучува необичен договор
Меѓутоа, најголемите поединечни позиции биле во Nvidia (вредност од 615.000 до 1,3 милиони долари) и Apple (650.000 до 1,35 милини долари). Двете компании беa директно погодени од политичките одлуки на Трамп.
Прво тој целосно ѝ забрани на „Нвидиа“ продажба на чипови за Кина, но потоа го ублажи правилото. За возврат, „Нвидиа“ мора да предава 15% од своите приходи во Кина на американската влада – невообичаен и, според експертите, невиден потег во историјата на САД.
Трамп ја поштеди „Епл“ од новите царини на чипови
Во август, Трамп најави царини до 100% на увозот на компјутерски чипови и полупроводници. Сепак, „Епл“ би била ослободена од тие царини, откако директорот Тим Кук ветил дополнителни 100 милијарди долари инвестиции во САД. Акциите на „Епл“ следниот ден пораснаа за повеќе од 4%.
Трамп и недвижностите на Блискиот Исток
Бизнисите со недвижности на Трамп тешко може да се одвојат од неговите службени работи и патувања. Неговото прво големо странско патување беше во Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати – токму земјите каде неговото семејство паралелно спроведува нови или проширени проекти.
Во мај почна изградбата на Трамп Тауер Џеда, луксузен облакодер од 47 ката на брегот на Црвеното Море. Семејството Трамп најави и изградба на луксузно голф игралиште во Катар, како и Trump International Hotel & Tower во Дубаи – објект од 80 ката со највисокиот надворешен базен во светот.
Трамп многу заработува и од криптовалутите
Инвестициите во криптовалути сè повеќе конкурираат на неговиот традиционален бизнис со недвижности. Во јуни, списанието „Форбс“ проценило дека Трамп можеби заработил околу една милијарда долари во само девет месеци од свои крипто вложувања, како Trump meme coin и акции во World Liberty Financial.
Во јули, неговата компанија Trump Media & Technology објави дека вложила 2 милијарди долари во Биткоин и други криптовалути. Самопрогласениот „крипто-претседател“ во исто време ја турка дерегулацијата на секторот.
Трамп профитира од политичката функција
Според извештај во „Њујоркер“ на Дејвид Киркпатрик, Трамп, неговите деца и нивните сопружници заработиле повеќе од 3,4 милијарди долари од почетокот на првиот мандат. Повеќето од тие зделки и вложувања речиси сигурно не би се случиле доколку Трамп останел само бизнисмен.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред микрофон, со црвена капа на главата со логото „Да ја направиме Америка повторно голема“ Американскиот претседател Доналд Трамп пред микрофон, со црвена капа на главата со логото „Да ја направиме Америка повторно голема“
Критичарите дополнително го напаѓаат фактот што, за разлика од претходниците, Трамп не ја префрли својата имотна состојба во т.н. „слеп доверителски фонд“ на почетокот на мандатот, туку со неа управуваат неговите деца – особено Доналд Трамп Јуниор. Јасната линија помеѓу приватниот бизнис и јавната функција изгледа поинаку.
Пристапот на Трамп значително се разликува од оној на претходните претседатели. На пример, Џими Картер ја префрли својата фарма за кикирики во слеп фонд. Линдон Б. Џонсон, Роналд Реган, Бил Клинтон, Џорџ Буш и неговиот син Џорџ В. Буш исто така користеа „слепи фондови“ за време на нивното претседателствување.
Трамп побогат од кога било
Значи, дали Трамп навистина ја злоупотребува својата позиција на невидени начини за лично да се збогати? Одрекувајќи се од „слепиот фонд“, Трамп со тоа секако дава причина да биде нападнат. Обвинението за судир на интереси не е толку лесно да се отфрли.
Во меѓувреме, Трамп и неговото семејство се бранат од обвинувањата дека профитираат од претседателскиот мандат. Синот на Трамп, Ерик, во јуни за „Фајненшл тајмс“ изјави: „Ако има едно семејство кое не профитирало од политиката, тоа е семејството Трамп“.
Факт е: Според бизнис списанието „Форбс“, главата на семејството и претседател Доналд Трамп моментално вреди 5,5 милијарди долари – што го прави побогат од кога било досега. (Dw)
Автор: Ангела Гепферт, АРД